Македонија
Ковачевски: Да не дозволиме да се вратиме во времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ
Секојдневно сме на терен, меѓу граѓаните. Разговараме со нив, ги слушаме забелешките и заеднички изнаоѓаме решенија. Оние граѓани што избраа да не излегуваат на избори на 24-ти април, ги поттикнуваме да излезат сега и да го дадат својот глас за европската иднина, изјави претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на митингот на СДСМ и коалицијата кој се одржа синоќа во Неготино.
Ковачевски повторно подаде рака за соработка со сите прогресивни и проевропски сили во земјава, повикувајќи ги на општа мобилизација на претстојните двојни избори, закажани за 8-ми мај.
„Мора да одиме напред и не смееме да дозволиме да се вратиме назад, во немири, внатрешни поделби и конфликти! Патот напред е јасен – иднина во Европската Унија, рамо до рамо со западните демократии. Овие избори, ве повикувам да гласаме ‘за’, за европска и сигурна иднина на Македонија. Да не дозволиме да се вратиме назад во времето на 11-годишното владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, им порача Ковачевски на присутните граѓани.
Ковачевски додаде дека со гласањето за Стево Пендаровски, СДСМ и Коалицијата ќе се обезбедат подобри услови во Македонија како членка во Европската Унија, подобро утре и подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
„Доколку дозволиме враќање на ВМРО-ДПМНЕ, ризикуваме блокада на нашата држава и можни внатрешни етнички тензии, кои доколку се случат, речиси сигурно ќе предизвикаат огромна штета за иднината на државата. Според мене, тоа е клучната опасност од доаѓањето на власт на ВМРО- ДПМНЕ и режимот во најава. Граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8-ми мај мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна и опасна закана. Ако десничарска партија добие таква моќ, со сите државни ресурси на располагање, може да се соочиме со крај на нашата европска перспектива“, изјави Ковачевски.
Ковачевски посочува дека наместо инвестиции во жални врби, фонтани и стиропор, СДСМ инвестира во иднината на Македонија, како пристојно место за живеење.
“Гласањето за ВМРО-ДПМНЕ е стави крај и на независните медиуми и ќе ја убие надежта за независно судство, правда и правичност, на сметка на зголемените меѓуетнички тензии. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ играат опасна игра. Она што е наша и ваша предност е дека сите знаеме како изгледа владеењето 11 во време на еден режим кој од една прекрасна земја направи заробена држава. “, заклучува Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.