Македонија
Ковачевски: Илинденците се бореле за ние денес да можеме да водиме битки за развој и просперитет
Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена – европска, Република Северна Македонија. Водени од заедничката борба во којашто животи се положувале за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, се обединивме од сите етнички заедници и вери во едно и еднакво општество за сите, без исклучок, рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса, вероисповед рече премиерот Димитар Ковачевски на прославата на 2.август – Илинден на Мечкин Камен во Крушево.
„Нашата генерација ќе има можност сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција да го втемели во основите на големото европско семејство, правејќи го побогато и поразнолико, вистински обединето во различностити. Поголемо признание и можност за развој на сѐ она што е македонско, не постои. Не постои и поголем патриотизам од носењето државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво. Денес, нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како и погледот на илинденците и во 903-та и во 44-та и во 91-та. Сега е време е за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава“, рече Ковачевски.
Ковачевски дече дека денеска Македонија стои рамо до рамо со сојузниците и партнерите во НАТО и ЕУ.
„Генерациите на денешнината ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија. Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и доживеат земји и култури коишто никогаш досега немале допир со него, ќе стане стварност“, изјави Ковачевски.
Ковачевски порача дека е време за нови, заеднички победи.
„Ние никогаш нема да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме и од што сме направени, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја го заврши премиерот обраќањето на Мечкин Камен“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Со изолацијата на земјата од ЕУ страдаат граѓаните, страда државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговори на новинарски прашања предупреди дека актуелната влада свесно ја носи државата во изолација, со директни последици врз економијата, транспортниот сектор и секојдневниот живот на граѓаните.
„Со националистичка реторика, со лажна пропаганда дека сите се предавници на националните интереси, ветуваа подобра преговарачка позиција со Европската Унија. Што направија? Ја изолираа земјата. Гледајте каде сме ние, гледајте какви проблеми има, гледајте какви протести има. Ќе страда индустријата во следниот период, нема повеќе да функционира како што функционираше досега транспортниот сектор. Камионџиите ги блокираат граничните премини, не без причина. Тие имаат реален проблем. Но владата знаела од 2025 година и не презела ништо. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат“ рече Филипче.
Тој нагласи дека Европската Унија известила за овие одлуки за новите регулативи, но дека Владата на Мицкоски не презела ништо со месеци.
„Знаевме дека во 2025-та година таква одлука донесе Европската Унија, се поставува прашањето што Владата направи на тоа поле?“ рече претседателот Филипче.
Тој додаде дека ваквото неодговорно однесување води кон сè подлабока меѓународна изолација:
„Ние ќе бидеме сè повеќе и повеќе изолирани со оваа влада на маргините на Европската Унија. Гледајте како Соединетите Американски Држави исто така не ставаат по страна. Оваа влада нема покана за бордот за мир на претседателот Трамп и новата администрација, има други земји во регионот.“
Филипче додаде дека станува збор за намерна стратегија на изолација.
„Тоа е само доказ дека владата намерно ја води земјава во изолација, носејќи сомнителен капитал, соработувајќи со авторитарни режими во регионот, гушејќи ја демократијата и слободата на говор и тоа едноставно не води никаде. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат. Очигледно е дека владата не прави ништо, а не правејќи ништо ние ќе бидеме сѐ поизолирани. Граѓаните ќе имаат сѐ поголем проблем. И не се само превозниците. Многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа. Со оваа влада, со изолацијата која што намерно се наметнува, сè страда во државата. Сè буквално“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Сали-Ортиз: разговарано за европската политика, економијата, образованието и културата
Првиот заменик-председател и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
За време на средбата се дискутираа блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шпанија, како и можностите за проширување на соработката во различни области, вклучувајќи ја европската политика, економијата, образованието и културата.
Посебен фокус беше ставен на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, со акцент на важноста од напредокот во реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Исто така, на средбата се разгледа и реформската агенда која е во тек, со цел зајакнување на институциите, транспарентноста и подобрување на инвестициската клима, поставувајќи ја земјата поблиску до стандардите на Европската Унија. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката и зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.
Македонија
По ревизорскиот извештај, Обвинителството отвори предмет за Општина Охрид
Јавното обвинителство отвори предмет по извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој утврди дека се граделе хотели и куќи без дозволи, дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а утврди и неправилности и во финансиското работење на општината.
„Државниот завод за ревизија на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од ЈОРМ.
Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.

