Македонија
Ковачевски-Калас: Естонија со силна поддршка за забрзување на европскиот пат за Северна Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Талин, се сретна со премиерката на Естонија, Каја Калас. На средбата присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Оваа средба е дел од агендата на Премиерот во рамки на учеството на Талинскиот дигитален Самит 2023, кој воедно беше и меѓу темите на разговор на билатералната средба.
На средбата се разговараше за блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во Алијансата, ги продлабочуваат преку постојан политички дијалог. Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на сајбер безбедноста и дигитализацијата.
Ковачевски ја запозна премиерката Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори кои земјата треба да ги направи на тој пат. Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Северна Македонија, така и на другите земји од регионот кон ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес повеќе од било кога, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност, и посакува Северна Македонија што побрзо се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока, Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да делува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето.
Премиерката Калас исто така го поздрави и одговорниот став на Северна Македонија кон Украина и се заблагодари за поддршката која земјата досега ја има дадено. Приклучувањето кон одлуките на ЕУ и целосната координација во однос на санкциите и рестриктивните мерки говорат за ориентацијата на земјата и насоката која Естонија силно ја поддржува.
На средбата се разговараше и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Претседателот на Владата Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка на приоритетите и вложените напори за координацијата во рамки на претседавањето со ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

