Македонија
Ковачевски – Курти: Постојано ги унапредуваме односите без отворени прашања со Косово
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на учеството на Минхенската безбедносна конференција, пред почетокот на официјалната програма се сретна со премиерот на Република Косово, Албин Курти.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, двајцата претседатели на влади изразија задоволство од позитивните и конструктивни билатерални односи меѓу двете земји. Премиерите истакнаа дека соработката се остварува со негување на пријателството и блискоста меѓу двете земји и со фокус на остварување на интересите на граѓаните во двете земји, што беше потврдено и со одржувањето на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово минатата година во септември.
На средбата беше изразен заеднички интерес за евалуација на постигнатите резултати по првата заедничка седница на владите со цел утврдување на следните повисоки цели во унапредувањето на соработката. Една од идните цели во олеснување на конекциите меѓу двете држави се очекува да биде конкретизирање на интересот за отворање One Stop Shop, брз начин на преминување на границата меѓу Северна Македонија и Косово. На полето на брзото поврзување, премиерот Ковачевски го информира премиерот Курти и за напредокот на реализацијата на автопатскиот правец Скопје – Блаце.
Премиерот Ковачевски истакна дека економската соработка е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи поради фактот што Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија како една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Ковачевски и Курти се согласија дека за двете земји следува период на интензивирање на соработката на полето на енергетиката.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и дека сме отворени за придонес во таа насока со пренесување на искуства во сите области за кои Косово ќе искаже интерес.
Во однос на регионалните прашања, на средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина – Белград во насока на постигнување конечен заемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантираат мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

