Македонија
Ковачевски: Мицкоски и раководството на ЕЛЕМ пред три години подготвувале скап увоз на струјата
Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, денеска обвини дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како тогашен директор на ЕЛЕМ и раководството на компанијата, ја подготвиле ситуацијата за во јануари 2017 година, таа да биде погодна за скап увоз на струја.
Ковачевски вели дека подготовката на увозот почнала на 29 декември 2016 година, кога Мицкоски побарал од Регулаторната комисија за енергетика да им ги пратат правилата за набавка на електрична енергија.
„На 5 јануари 2017 година добиваат решение од регулаторната комисија за одобрување на правилата за набавка на струја, и веднаш, од 8ми јануари го започнуваат скапиот увоз на струја. Истовремено, уште додека ја чекале дозволата, извршиле исклучување на блокови во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Почнале и засилено да ги експлоатираат хидроелектраните и да ја трошат цела вода, додека во исто време го организирале увозот на струја по фантастично високи цени“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ниските температури со кои денес се правда Христијан Мицкоски не се никакво оправдување, бидејќи ниски температури имало секогаш, а во битолскиот регион низ годините наназад редовно паѓале и до минус 25 и до минус 27.
„Тоа што е факт е дека раководството на чело со Мицковски ја внело компанијата во грејната сезона без доволно јаглен и со неремонтирани блокови. Дали ова било планирано или не било планирано, одговор може да даде само Христијан Мицкоски“, нагласи Ковачевски.
Како што кажа, ВМРО ДПМНЕ кое раководеше со ЕЛЕМ од 2006 до 2017 година, континуирано и свесно ја носело компанијата кон ослабување на нејзините капацитети за истата да стане зависна од надворешни фактори, преку кои ќе може да се злоупотребуваат нејзините ресурси за нечија лична корист.
„Ненаправените ремонти, кои се обврска и се дел од производниот процес, неодржувањето на капацитетите, неинвестирањето, ненабавувањето на сопствена механизација и континуираното расходување на сопствената, довеле да тогашно ЕЛЕМ, државниот производител на електрична енергија, да го клекнат на колена за да можат преку него да ги реализираат и капитализираат своите планови, а се на штета на граѓаните“, додаде директорот на компанијата.
Ковачевски потсети дека вчера беше објавено оти Христијан Мицкоски купил увозна струја по астрономски високи цени, односно, во месец јануари 2017 година увезол струја по цена и до 240 евра за MWh и потрошил 5.600.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

