Македонија
Ковачевски: Можам само да ја потврдам изјава на О Брајан за Мицкоски
Нема да ја коментирам изјавата на О Брајан, ќе ја потврдам, кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага, рече премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање денеска при работната посетата на Македонски Брод.
-Нивната теза е дека тие ќе понуделе друга алтернатива, а таа алтернатива никој не ја видел. И од тој аспект кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага. Затоа сметам дека она што го имаме од страна на Влада, коалиционите партнери, ЕУ е практично начинот на кој Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ интеграциите и до 2030 год. Со оваа Влада после нашата победа на претседателски и парламентарните избори до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека опозицијата единствено сака да ја врати државата назад во изолација, додавајќи дека во земјата има проевропски и антиевропски блок.
-Во нашата држава има два блока, тоа сум го кажал скоро пред година и половина, едниот кој е за европски интеграции на државата и вториот којшто е за изолација на државата. Ние успеавме да станеме земја членка на НАТО. Успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Тие преговори се отворени низ преговори со француското претседателство, преговори со Бугарија и се разбира низ преговарачка рамка усвоена од сите 27 земји членки на ЕУ, во кои се наведени сите наши барања во однос на заштита на македонскиот јазик. Денес законодавство на ЕУ се преведува на македонски јазик, договорот ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик. Македонскиот идентитет и култура се потврдени на европско ниво, па и дополнително со резолуции од страна на најголемите земји членки на ЕУ. Од друга страна ние имаме обврска за внесување во преамбулата од уставот на други делови од народи, со што за прв пат ќе имаме јасно разграничување на македонскиот и бугарскиот народ што е исто така една голема придобивка за нас. Меѓутоа очигледно ова прашање опозицијата сака да го користи единствено за лични политички цели и да не врати назад таму каде што бевме 11 години, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
Претходно, помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан рече: „Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така“, вели американскиот висок државен функционер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

