Македонија
Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите
Премиерот Димитар Ковачевски на „Фејсбук“ остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.
Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.
Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.
Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.
Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.