Македонија
Ковачевски на денот на основањето на НАТО: Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше на трибина по повод Денот на основањето на НАТО, 4 април, кој се одржа во организација на Евроатлантскиот Совет на Република Северна Македонија.
Тој истакна дека земјава го слави овој ден, заедно со своите сојузници со посебна гордост и со полно право како 30. земја членка на алијансата.
„Од 27 март 2020 година ние сме рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот, во која граѓаните имаат сигурна иднина“, посочи премиерот.
Тој во обраќањето ја спомена и како што кажа, руската воена агресија во Украина, како неиспровоцирана и неоправдана, но и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Повикавме Русија веднаш да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина. Ја поздравивме храбрата одбрана на граѓаните на Украина кои со голема храброст ја штитат својата слобода и суверенитет и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.
Сојузниците како никогаш досега се единствени во одговорот на воената агресија на Русија во Украина.
Во овој контекст, Северна Македонија е подготвена да го преземе нашиот удел во овие напори и ние ја поддржуваме потребната долгорочна адаптација во таа насока.
Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно стопирање на воената агресија, а преземањето активности за економската изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности.
Заедно со нашите сојузници во НАТО внимателно ги следиме и се спротивставуваме на хибридните закани кои имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ во регионот на Западен Балкан. Ги следиме и се спротивставуваме и на операциите кои целат да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО-алијансата беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот“, истакна Ковачевски.
На трибината, на која со свои излагања учествуваа и министерката за одбрана Славица Петровска, претседателот на Евроатлантскиот совет Исмет Рамадани и извршниот директот на Бизнис-клубот на Евроатлантскиот совет Свето Јаневски, преку видео врска се вклучија и амбасадорката на САД во државава, Кејт Мери Брнз, и Кармен Ромеро, заменик-помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Струмица
Најниска температура од -6 степени Целизусови утрово е измерена во Струмица, соопшти УХМР. Следат Скопје-Петровец со -4 степени, -3 Гевгелија, -2 Кавадарци, Попова Шапка, -1 Скопје-Зајчев Рид, Тетово, 0 Kрушево, 1 Куманово, Лазарополе, Mаврови Анови, 2 Берово, 4 Прилеп, Битола, Велес, Виница, Штип, 5 во Крива Паланка и Демир Капија и 6 во Охрид.
Во изминатите 24 часа до 7 часот утрово најмногу воден талог е измерен во Лазарополе од 24 литри на м2, 12 во Пожаране, 9 Маврови Анови, 3 Попова Шапка, 2 Крушево и 1 л/м2 во Охрид.
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има услови за повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 8 степени.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

