Македонија
Ковачевски на средба со членови на Кнесетот на Израел: Поддршка за политиките на дијалог и разбирање и заеднички определби кон мирот и стабилноста во светот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со делегација од Кнесетот на Државата Израел, во состав: Хамад Амар, претседател на парламентарната групата за пријателство и соработка меѓу Државата Израел и Република Северна Македонија, Тсега Мелаку, член на парламентарната група, и Дор Каидар, координатор за меѓународна соработка на Кнесетот, во придружба на амбасадорката на Израел во земјата, Симона Франкел.
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Израел имаат блиски пријателски односи, базирани на меѓусебно разбирање, при што е изразена заедничка определба за натамошно унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои ИТ-секторот и безбедноста, економијата, туризмот, земјоделството.
Претставниците од Кнесетот на Државата Израел ги поздравија политиките на дијалог и разбирање преку кои Република Северна Македонија гради едно општество за сите граѓани на домашен план и ги развива односите со соседите во регионот, што е во функција на одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Република Северна Македонија се развива како достоинствена членка на НАТО и држава што е насочена кон следниот исчекор во европските интеграции, како успешна функционална мултиетничка демократија, со отвореност за соработка и со сите пријателски држави.
„Покрај стратешките приоритети на нашата надворешна политика, членството во НАТО и ЕУ, Владата има интерес за интензивирање и зајакнување на соработката земјите од Блискиот Исток во сите области од заемна полза“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е истакнато дека Северна Македонија како земја членка на НАТО и активен учесник во меѓународната коалиција, која силно ја осудува руската воена агресија врз Украина, како и други земји од регионот и пошироко, е изложена на разни хибридни и сајбер-напади, што упатува на соработка и размена на експертиза со странските земји, вклучително и со Израел во областа на сајбер-безбедноста и отпорноста.
Во таа насока е оценето дека билатералниот договор меѓу владите на Северна Македонија и Израел за електронски комуникации и поштенски услуги, потпишан во февруари оваа година, обезбедува солидна, правна основа за натамошно проширување на односите во разни полиња од заеднички интерес.
На состанокот заеднички е изразена осуда на сите форми на тероризам, при што премиерот Ковачевски рече дека за сите безбедносни прашања во Европа, Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, Северна Македонија е усогласена со позицијата на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на ЕУ и со партнерите во НАТО, особено со САД, како и дека во таа насока нашата држава поддржува трајно решение за Блискиот Исток, што ќе обезбеди мир и трајна безбедност на Израел.
„Силно ги осудуваме сите форми на антисемитизам, негирање на холокаустот и поврзаните искривени толкувања“, рече премиерот Ковачевски.
Владата на Република Северна Македонија, како што додаде премиерот Ковачевски, посветува големо значење на Еврејската заедница во нашата земја, која е многу почитувана – и во претстојниот период, во контекст на предвидената дебата за уставните измени, премиерот Ковачевски ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Република Северна Македонија, што се надева ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.
Премиерот Ковачевски соопшти дека оваа година, под покровителство на Владата, се одржуваат повеќе настани со кои се одбележуваат 80 години од ужасните 11 и 12 март 1943 година кога 7.144 Евреи од земјата биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка.
Притоа заеднички е констатирано дека памтењето и учењето од минатото е важно за иднината на секоја земја и во таа насока има значење и во добрите односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

