Македонија
Ковачевски: Нема да пораснат платите на функционерите, пратениците на СДСМ ќе поднесат законски измени за намалување на коефициентите
„Сакам да посочам дека најдовме и уставно издржано решение со кое нема да пораснат и платите на функционерите со новото ниво на просечната плата. Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе измена на сите закони со кои се регулираат платите на сите функционери, со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во изјава за медиуми по денешната посета на компанијата „Киел Македонија“, во ТИРЗ зоната во Тетово.
Претседателот Ковачевски воедно посочи дека покрај тоа што функционерските плати нема да пораснат, платите на граѓаните ќе продолжат да растат како и досега бидејќи СДСМ го цени трудот на работникот, а грижата за сите е темелот на социјалдемократските политики.
„Денес, парите се насочени кон граѓаните, за да има повеќе за сите. Шест години обезбедуваме подобар европски стандард, подобри услови за стопанството, раст на економијата, иако од тие 6 години, 4 години беа навистина кризни години на здравствена, енергетска и економска криза. Одговорно менаџираме со парите на граѓаните, за да можат платите на граѓаните секојдневно да растат. Ова е моделот по кој ќе работиме и во вториот мандат“, рече Ковачевски во изјавата за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

