Македонија
Ковачевски: Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат

„На денешниот Ден на македонската револуционерна борба гордо ги споменуваме македонските револуционери и нивниот стремеж, истрајност и исклучителна храброст во борбата за слобода, сувереност, независност и македонска државност“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи, по повод празникот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
„Континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава. Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца.
Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба“, додаде премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски најави поголема набавка на униформи за полицијата од онаа за специјалците: Спорната набавка е законска, но немаше доволно критериуми во тендерот

На нов тендер Министерството за внатрешни работи ќе бара униформи за 6.000 полицајци, најави денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За него не е спорно што мало модно студио и тукушто отворена фирма треба да испорачаат униформи за специјалната полиција за 3,8 милиони евра и вели дека набавката била спорна за јавноста не оти е незаконска туку поради што немало доволно критериуми во тендерот, па освен оваа, најави уште една, поголема набавка на униформи.
„ Оваа набавка која што да речеме беше спорна во јавноста, не од законски аспект туку од аспект на тоа што немало доволно критериуми во рамки на тендерската документација, е помалата набавка. Сега треба да следи поголема набавка која што се однесува на сите униформирани полициски службеници, не само на специјалните сили. Ако таа беше да речеме за бројка од 1000 луѓе, сега ќе следи набавка за бројка од 5-6.000 полициски службеници за кои ќе треба да се набави униформа“, вели министерот Тошковски.
Се надева дека најбрзо што може ќе бидат ефектуирани и едната и другата набавка. Министерот останува на ставот дека на полицајците им треба достоинствена униформа, а обидите да се осуети набавката, според него, се манипулација, растурање пердуви и обвинувања.
„Во јавноста имаше еден обид за девалвација на процесот за набавка на униформи за полициските службеници. Имам една фотографија која што ја има и претходно споделено во јавноста, а ја има и на мојата веб-страница, како беа облечени полициските службеници во рамки на една моја постеа, додека бев во техничка Влада. Едниот со фармерки, другиот со работничко одело, третиот со палто од татко му затоа што татко му бил полициски службеник. Срамота. Се надевам дека во текот на оваа година сите полициски службеници ќе добијат достоинствена униформа заради тоа што навистина ова што го имаме сега од аспект на униформа е катастрофа. И ќе го направиме. Осум години не набавиле униформа, ќе направиме и тоа. Осум години денар не вложиле во управните служби, го правиме и тоа. Нека продолжат да манипулираат, нека фрлаат пердуви и празни обвинувања. Суди македонскиот народ. Мудар е, гледа што се случува и за брзо време ќе си каже што мисли на локалните избори“, рече министерот Тошковски на пуштањете во употреба на обновените простории за вадење пасоши и лични карти во зградата на Македонската телевизија.
Македонија
Герасимовски: Од Капиштец почнува караванот „Се гледаме во маало“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово на брифинг појадок со новинари најави дека караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ отпочнува денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули.
Герасимовски потенцираше дека преку овој караван, граѓаните ќе се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три ипол години, но исто така центарци ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.
„Караванот почнува денеска и ќе трае до 4-ти јули. Заедно со граѓаните ќе креираме политики и идеи и ќе ги реализираме. Самиот караван почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра. Со општинските служби ќе бидеме заедно со граѓаните и ги слушаме сите нивни предлози и идеи, она што го правиме во текот на годините преку буџетските форуми, истражувањата, анкетите. Нашата цел е да ги слушнеме центарци за нивните предлози и идеи. Се гледаме вечер во маало“, рече Герасимовски.
Македонија
Салата Работнички ќе биде готова до октомври, Герасимовски вели дека лично тој, редовно прави увид

Салата „Работнички“ чија реконструкција по 50 години почна во јануари годинава, ќе биде готова до октомври. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денес извести дека редовно оди во контрола на градилиштето.
„Во полн ек е работата на салата Работнички. Добро одат градежните работи. Имаме редовни увиди од страна на службите, но и од моја страна за да видиме како течат самите работи. Планираме септември-октомври, доколку се оди во најдобар ред, доколку навремено се исплаќаат сите оние ситуации кои што се доставуваат од фирмите кои што работат на салата, верувам дека до октомври месец истата ќе биде отворена“, вели градоначалникот Герасимовски.
Спортската сала „Работнички“ се реконструира со пари од државниот буџет. Во декември 2023 година Владата изгласа 30 милиони денари да бидат префрлени на Општина Центар за оваа намена, а оваа година Општината од Владата доби дополнителни 1,5 милион евра.
Проектот предвидува нов покрив, фасада, проширен терен, нова еластична подлога, подно греење, климатизација, модерно осветлување и на местото на бетонските клупи да бидат поставени 891 седиште.