Македонија
Ковачевски: Само со ЕУ е можна реална и суштинска промена во нашето општество
Само со ЕУ е можна реална и суштинска промена во нашето општество. Само со ЕУ можеме да ги одобриме состојбите во здравството, во судството, во образованието и заеднички да се бориме против криминалот и корупцијата. Од ова, нема откажување! И тоа е факт. Кој кажува друго, лаже, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Желино.
Ковачевски нагласи дека ДПМНЕ има план кој не е план, тоа е ветер во магла.
Христијан Мицковски е новиот Никола Груевски. Исто како неговиот ментор и тој ќе го одложува патот кон ЕУ. Исто како неговиот ментор и тој ќе ја обвинува ЕУ за неговите неуспеси. Верувајте, исто како Груевски и Мицковски ќе ни изгуби уште 11 години од нашите животи, од животите на нашите деца, на нашите внуци. Време кое едноставно, веќе го немаме за губење, рече Ковачевски, додавајќи дека бадијала Мицковски на цел глас повикува за некакво национално единство, за некакви мораториуми… за жал, мораториумите постојат само во главата на Мицковски и неговите најблиски поддржувачи.
Нам не ни треба национално единство за мораториум, нам ни треба национално единство на патот кон ЕУ и на патот кон сигурната и безбедна иднина на нашата држава, рече Ковачевски.
Одлуката денес е многу едноставна. На овие избори одлучуваме помеѓу „надеж“ и „безнадежност“. Одлучуваме помеѓу „заглавување во минатото“ со ВМРО-ДПМНЕ и „неоткажување од иднината“ со СДСМ. Изборот на 8ми мај е јасен – или враќање назад кон минатото со ВМРО-ДПМНЕ или напред со нас, со мене, со СДСМ, со Коалицијата за европска иднина, со нашиот претседател Стево Пендаровски, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Желино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европската Унија ги одби предлозите на балканските превозници, најавени нови блокади: „Последниот состанок беше катастрофален“
Европската унија ги одбила сите предлози на превозниците од Западен Балкан со кои требало да се реши проблемот со нивниот престој во Шенген зоната. Истакнато е дека превозниците донеле одлука за повторна блокада на товарните гранични премини, но засега не е познат точниот датум на новите блокади.
„Последниот состанок со нив беше катастрофален. Не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – вклопете се во правилото 90/180, поинаку не може“, изјавил претседателот на деловното здружение „Меѓународен транспорт“ Неѓо Мандиќ за „Танјуг“.
На прашањето дали превозниците размислуваат за повторна блокада на товарните премини доколку наскоро не се постигне договор со Европската унија, Мандиќ изјавил дека одлуката веќе е донесена, но дека се чека усогласување со превозниците од другите земји од Западен Балкан.
„Донесовме одлука повторно да одиме со блокади, но за сè е потребно време, бидејќи мора да ја усогласиме постапката со колегите од другите земји од Западен Балкан. Кога ќе го усогласиме терминот, тогаш ќе го одредиме точниот датум. Мора да се состанеме и да се договориме околу сите детали, така што не знам кога ќе започнат блокадите“, нагласил Мандиќ.
Предлозите што на последниот состанок властите од регионот на Западен Балкан и превозниците ѝ ги упатиле на Европската комисија биле одбиени со коментари дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенген законодавството“, додека било предложено возачите да пријават престој во некоја од поблиските членки на ЕУ, што за превозниците било неприфатливо, прене „Вијести“.
Протестите претходно започнаа на 26 јануари 2026 година со барање професионалните возачи да не се третираат како туристи во Шенген зоната, туку да добијат посебни правила за престој.
Блокадите беа суспендирани на 29 јануари по најавата дека Комисијата ќе ги разгледа можните корективни мерки, но по објавувањето на официјалниот став на ЕК дека нема посебни измени за превозниците, се отворија нови реакции и незадоволство меѓу транспортерите.
Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој дозволил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.

