Македонија
Ковачевски: СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните
„СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните, за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи, во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот што се одржа во Гостивар.
„Во наредниот мандат се обврзуваме дека ќе ги зголемиме платите и пензиите, ќе креираме и многу можности за нашите млади, за нашата иднина и пакети за поддршка на учениците, но и за нивните родители. Граѓаните за прв пат од осамостојувањето ќе бидат акционери во државните енергетски компании. И на крај, заедно ќе се бориме и ќе се избориме против злоупотребите, неправедноста и системската корупција. Тоа е нешто што мора да го направиме за да одиме напред, кон ЕУ и ние сме убедени дека тоа и ќе го направиме “, рече Ковачевски.
Говорејќи за изминатиот мандат, лидерот на СДСМ призна дека власта направила одредени грешки, но никогаш не се откажала од поддршка на граѓаните. Владата не дозволи Скопје да остане без парно греење, не дозволи граѓаните да плаќаат енормно високи сметки за струја, и го амортизираше ценовниот удар со повисоки плати, пензии и социјални трансфери.
Ковачевски потенцираше дека една од основните цели на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина останува градењето инклузија и едно општество за сите граѓани.
„Ниту јас, ниту СДСМ никогаш нема да се откажеме од инклузијата и градењето едно општество за сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или национална припадност. Но, продолжуваме повнимателно. Инклузијата подразбира целосно почитување на европските вредности како солидарност, правичност, еднаквост, чесност и одговорност. И тие ќе важат за сите, и за првиот човек во државата, за министрите, за функционерите од коалициските партнери, за директорите, за сите. И тоа мора да биде така “, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицотакис ја повика новата Влада да го почитува преспанскиот договор: „Ако не се случи тоа, ќе имаме проблем“
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, во интервју за грчката телевија „Алфа“ повика на почитување на Преспаснкиот договор, од страна на новата Влада.
„Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Сакам да се надевам дека она што се слушаше пред изборите нема да биде официјален став на новата влада по изборите. Затоа што ако тоа се случи, ќе имаме проблем“, рече Мицотакис, коментирајќи го тоа што ВМРО-ДПМНЕ во слоганот го користеше името Македонија.
Тој рече и дека со загриженост ги следел изјавите на функционерите на ВМРО, а сега со голем интерес го чека официјалниот став на новиот премиер за да види на кој начин ќе се осврне на името на државата.
Мицотакис додаде и дека тој лично не се согласувал со договорот од Преспа, а особено не се согласувал со, како што вели, агресивното дефинирање на македонската нација и јазик.
„Договорот сепак го прифатив во контекст на континуитетот на државата. Сфатив дека морам да го почитувам“, рече Мицотакис.
Македонија
Силјановска на нејзиниот роденден го доби уверението за претседател, ДИК и’ посака успешен мандат
Државната изборна комисија и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска Давкова, која денес го прославува својот 71. роденден.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, врачувајќи и’ го Уверението на Давкова, од име на Комисијата и’ посака успешен мандат како шеф на државата.
Претходно, на седницата во ДИК беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на изборите на 8 мај.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47 отсто.
Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги отфрла неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.
Обидите на ДУИ да се сликаат како бранители на албанските права не се ништо друго туку фасада за прилепување до власта по секоја цена. Нивното искуство доволно говори за нивните вистински намери. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија.
Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби.
Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Ја повикуваме ДУИ конструктивно да се вклучи во демократските процеси наместо да прибегнува кон тактики на страв и манипулации.
Иднината на Македонија е во единството, а не во поделбата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ