Македонија
Ковачевски со корпа в раце пазареше евтин леб во маркет, друштво му правеше и Бектеши

Премиерот Димитар Ковачевски со камери и фотографи отиде во маркет да пазари за да се увери дали има евтин леб. Тој фотографиите ги објави јавно за да увери дека има испорака на полубел и на бел леб со замрзната цена.
„Бев лично да се уверам во фактичката состојба со производството и испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите. Го разбирам револтот на граѓаните за потегот од страна на трговците и производителите на леб како реакција на одлуката за замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари, што се одрази негативно на секојдневните потреби на граѓаните“, напиша Ковачевски.
Тој додаде: „Со новата владина одлука за снабдување на лебот со замрзната цена го штитиме стандардот на граѓаните. Ги обврзуваме трговците на мало што продаваат леб во дневната набавка на сите видови леб да имаат најмалку 80 % од лебот по цена од 33 денари. Пекарниците имаат обврска да го произведуваат и да ги ставаат во промет белиот и полубелиот леб во количина од најмалку 80 % од производството. Граѓаните мора да ги имаат основните производи!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.
Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија

Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право“, рече претседателката.
Таа додаде дека непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори“, рече Сиљановска – Давкова.