Македонија
Ковачевски: Со членството во ЕУ, Северна Македонија станува дел од трговската суперсила
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, вечерва се обрати на првата отворена трибина во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, на која се говореше за економските придобивки од членството во ЕУ.
Првата отворена трибина се одржа на тема: „ЕУ за македонската економија”.
Осврнувајќи се на економските политики, премиерот говореше дека фокусот на Владата е насочена кон системски промени во зајакнување на човечкиот капитал, отворање нови работни места, зголемување на платите и пензиите, зголемени директни странски инвестиции.
Ковачевски истакна дека Владата се стреми да обезбеди подобро утре за сите граѓани во Северна Македонија и досега има направено рекордни резултати. Во своето обраќање, Ковачевски ги сублимираше резултатите споредено со период од 2016 година. Економскиот модел на Владата, во овој временски интервал до 2022 година резултира со историски намален број на невработени за речиси 52%, странски директни иневстиции за овој период зголемени 2,5 пати, просечната пензија е зголемена за 40%, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 36.527 денари. Тоа се цели 230 евра повеќе во сечиј домашен буџет.
Овие позитивни показатели може да се зголемат и мултиплицираат, а единствениот начин да се направи тоа е продолжувањето на евроинтегративниот пат на Северна Македонија.
„Има многу показатели кои јасно покажуваат кој е позитивниот ефект од ЕУ, и тоа не само од членството туку и од самиот процес на пристапување кон Унијата. Тоа го искусиле сите земји кои се приклучиле во Европската Унија и за сите нив имало и сѐ уште има позитивни економски показатели кои обезбедиле многу повисок стандард и побогат живот за граѓаните. И Северна Македонија е таков пример, колку и да е нашиот европски пат долг и тежок. Во изминатите 30 години поддршката на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра преку грантови и макрофинансиска поддршка и тоа ние, и како држава, и како граѓани го гледаме во зголемените инвестиции, во зголемените плати, намалената невработеност, зголемената вработеност за кои зборував претходно. Влезот во ЕУ пак дополнително ќе ги зајакне позициите за нашите компании, ќе отвори нови трговски перспективи со што очекувано е да се обезбедат одржливи стапки на раст на БДП што пак во крајна линија ќе значи повеќе пари кај граѓаните и подобар животен стандард“ рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата во своето обраќање, истакна дека економската моќ на Европската Унија е огромна. Учество на ЕУ во светската економија и тргување е 16% и тие само во 2021 година имаат направено извоз од 2,18 трилиони евра. Со членството на Северна Македонија во ЕУ, нашата земја ќе стане дел од трговската суперсила.
„Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува континуиран раст на целиот сојуз, нешто што секоја земја членка поединечно нема никогаш да може да го постигне. Проценките велат дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина е поголем за девет проценти токму како резултат на целосната интеграција на пазарот. Тоа преведено во реални пари за граѓаните значи приближно 850 евра дополнителен годишен приход по глава на жител. Процентите покажуваат дека ЕУ затоа што е голем пазар и затоа што земјите работат заедно нивните економии се за десет проценти поголеми само заради тоа. Тие десет проценти преведени во БДП изнесуваат 850 евра по глава жител дополнителен приход во секоја од државите во ЕУ“, рече на трибината Ковачевски.
Покрај претседателот на Владата на трибината свое излагање имаа и министерот за економија Крешник Бектеши и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Нашата држава е дел од европскиот континент, но ние имаме друго минато и имаме други економски системи.Тоа можеме да го смениме само со економското чудо наречено Европска Унија“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на првата отворена трибина во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, на тема: „ЕУ за македонската економија”.
„ЕУ е економско чудо што не дозволува десет или 20 луѓе да ја држат државата во заложништво. Ние како држава мора да работиме за младите, за нашите идни генерации да бидат успешни”, кажа министерот Бектеши и сподели пример.
„Од осамостојувањето до сега можеме да наброиме 10-15 бизнисмени кои се најголеми во оваа држава. Затоа ние како држава треба да работиме, младите нивната иднина да не ја гледаат во администрација, туку да работат, да станат конкурентни на пазарот и да сакаат да работат во приватниот сектор. Да сакаат да им конкурираат на овие олигарси. Нашите млади сакаат да одат да работат во странство затоа што таму можат да работат, да носат иновации и да им конкурираат на европските и светските мултимилионски компании. Затоа нашата иднина е Европската Унија, тоа е иднината на нашите млади. Младите ја сакаат Европската Унија, а ние сме тука тоа да им го исполниме“, истакна на трибината министерот за економија, Крешник Бектеши.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето обраќање рече дека ЕУ е економско чудо кое ни отвора можности и ги задржува младите во нашата држава.
„Основно прашање на оваа кампања е каде сакаме да припаѓаме. Дали сакаме да припаѓаме во најголемиот мировен, политички и економски проект или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во коишто многу малку луѓе веруваат и од кој никој нема видено придобивки. Доказ за економските придобивки кои ги нуди ЕУ се државите кои пред десет или 20 години станале членки. За изминатите 15 години ние имаме една милијарда евра европски пари искористено, а Хрватска откако е членка има искористено 25 милијарди евра, тоа е огромна разлика. Северна Македонија без дилеми припаѓа во ЕУ и нашите граѓани без дилеми сакаат да бидат дел од ЕУ. Да ги задржиме нашите млади луѓе тука, да им ги отвориме овие можности дома, да го создадеме нашето економско чудо тука, преку Европска Унија“, кажа Маричиќ на вечерашната трибина.
На трибината говореа и Хозе Луиз Лозано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија во земјава, Благица Петрески од Finance Think, као и Ирена Јакимовска, од компанијата Комфи Ангел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

