Македонија
Ковачевски – Шулц: Обединетоста за социјалдемократската платформа е влог во просперитетна иднина на земјата и регионот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со Мартин Шулц, претседател на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент.
На средбата беше разговарано за севкупните активности на Фондацијата во регионот и во Република Северна Македонија, како и за актуелните случувања во земјата.
Заеднички беше оценето дека политиките што ги носи оваа Влада, а кои се темелат врз социјалдемократски постулати, резултираа со развој и унапредување на демократијата, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи. Директен резултат на овие политики е и исполнувањето на нашата стратешка цел, членство во НАТО, како и почнувањето на преговорите со ЕУ.
![]()
Премиерот Ковачевски на средбата го информира Мартин Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во делот на евроинтеграцискиот процес и изрази благодарност за силната поддршка од страна на Европската Унија за почнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонскиот идентитет.
На средбата беше разговарано и за актуелната економска и енергетска криза и нејзиното надминување, како и за политичката клима во земјата пред почнувањето на собраниската процедура за уставните измени.
Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц, го изрази своето силно уверување дека негувањето на социјалдемократските вредности и вложувањето во заштитата, почитта и сигурноста на граѓаните се сериозна инвестиција во демократска и просперитетна иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Ортиз: разговарано за европската политика, економијата, образованието и културата
Првиот заменик-председател и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
За време на средбата се дискутираа блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шпанија, како и можностите за проширување на соработката во различни области, вклучувајќи ја европската политика, економијата, образованието и културата.
Посебен фокус беше ставен на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, со акцент на важноста од напредокот во реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Исто така, на средбата се разгледа и реформската агенда која е во тек, со цел зајакнување на институциите, транспарентноста и подобрување на инвестициската клима, поставувајќи ја земјата поблиску до стандардите на Европската Унија. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката и зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.
Македонија
По ревизорскиот извештај, Обвинителството отвори предмет за Општина Охрид
Јавното обвинителство отвори предмет по извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој утврди дека се граделе хотели и куќи без дозволи, дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а утврди и неправилности и во финансиското работење на општината.
„Државниот завод за ревизија на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од ЈОРМ.
Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.
Македонија
(Видео) Филипче: Имам информација дека следи ново задолжување од 300 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на одговор на новинарско прашање информираше дека следува ново задолжување од 300 милиони евра, a државата е соочена со голема криза.
„Следи ново задолжување од триста милиони евра, ќе слушнете наскоро. Мора да се пополнат нови дупки во буџетот. Сум за принципиелна поддршка на барањата на било која група на граѓани во државава, на луѓето им е потребна помош. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат“, рече Филипче.
Тој, потенцираше дека и во време на најголеми кризи, владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија имала континуиран раст на платите.
„Ако за период од седум години минималната плата се дуплирала, пораснала просечната плата, тоа значи дека имало добри економски политики. И тоа се аргументира, имаше странски инвестиции. Во последната година од нашето владеење, странските инвестиции беа близу милијарда евра. Сега ги нема. Сега се десеткувани. Компаниите заминуваат од земјава. Соочени сме со голема криза“, нагласи Филипче.

