Македонија
Ковачевски: Јакнењето на колективната одбрана ќе придонесе за безбедноста на нашите граѓани

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска, во Вилнус, на првиот ден од самитот на НАТО, учествува на првата сесија на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.
Во владината делегација што ја предводи премиерот Ковачевски се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. На првата сесија зедоа учество 31 земјa членка на НАТО.
Во фокусот на агендата на првата сесија од самитот е зајакнувањето на колективната одбрана со регионални планови и постојана подготвеност за брзи одговори преку копно, вода и воздух. Политиката на одвраќање ќе биде пофокусирана, со надополнување на воените и одбранбените политики.
Една од главните теми на сесијата е продолжувањето на инвестициите во одбраната и новата заложба за инвестиции од одбраната, со договор тоа да биде најмалку од 2 % БДП, а во исто време најмалку 20 % да бидат наменети за модернизација.
Заложбата е потребна за да се зајакнат капацитетите за одбрана, вклучително и растечки сајбер и хибридни закани, но и да се справиме со други предизвици, како тероризмот или злоупотребата на нови технологии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно со подолги сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во недела ќе има продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето.
Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (10-15см).
Ќе дува засилен северен ветер (над 70км/ч) и температурите значително ќе опаднат. Во понеделник со засилен северен ветер наместа ќе провејува слаб снег. Потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.
Македонија
Ослободена од стапица мечка во Ресенско

Регионалниот ЦУК Битола, известува дека преку Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена пријава за заробено диво животно како последица од поставена криволовна замка во атарот на помеѓу селата Љубојно и Брајчино (Општина Ресен).
Пријавителот претпоставил во пријавата дека најверојатно се работи за мечка поради гласното рикање што се слушало во непосредна близина на мостот на Брајчинска Река.
„За оваа ситуација, од страна на ЦУК веднаш е известена Гранична полиција Маркова Нога, Полициска станица Ресен, Концесионерот – ловното друштво и други субјекти за понатамошно постапување. По интервенцијата на надлежните служби од Концесионерот -Ловното друштво, со присутен ветринар, од НП „Пелистер“ и од полицајци од МВР мечката е успиена и безбедно ослободена“, соопшти ЦУК.
Македонија
Средба Тошковски – Ходулин: Интензивна поддршка од ЕУ преку ИПА проектите за креирање полиција со европски стандарди

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на Европската унија, предводени од Стефан Ходулин, раководител на Одделот за соработка и Даница Стошевска, програм менаџер во канцеларијата.
На состанокот беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Од страна на господинот Ходулин беше изразено задоволство од постигнатото во рамките на веќе спроведените проекти кои се имплементираат во министерството и изрази надеж дека посветеноста ќе продолжи со ист интензитет.
Министерот Тошковски во име на Министерството за внатрешни работи и се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека истата е од исклучителна важност за министерството, и дека од наша страна ќе бидат обезбедени сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.
За време на состанокот исто така се разговараше и за идните проекти кои се дел од Националната ИПА програма за 2025 година и следниот период, по што заеднички беше донесен заклучок дека ќе се продолжи со интензивни активности во наредниот период со цел финализирање плановите и проектите како основа за идното програмирање и обезбедување на сите неопходни предуслови од страна на министерството за внатрешни работи и целосна посветеност во нивната подготовка.
Двајцата соговорници изразија уверување и подготвеност за продолжување на одличната соработка и во иднина.