Македонија
Ковачки: Додека Еролд Муслиу е директор, неговата сопруга со помош на владата доаѓа до грант од 620.000 евра

Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање е во центарот на скандал. Додека тој е функционер назначен од Пендаровски, неговата сопруга земала грантови од стотици илјади евра, рече на денешната прес конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Според него, сопругата на Еролд Муслиу преку нејзината невладина организација добила грант од 620.000 евра. За сопругата на Еролд Муслиу да ги добие парите, Владата морала да склучи меморандум со Конзорциумот на невладини чиј основач е невладината на неговата сопруга. Во спротивно, сопругата на Муслиу не можела преку Конзорциумот на невладини да го добие грантот од 620.000 евра. Имено, 4 невладини организации со меморандум формирале конзорциум за да аплицираат за грант од странски донатор од областа на безбедноста. Две невладини организации се под контрола на сопругите на Директорот на АР Еролд Муслиу и на Вице-премиерот во Владата Фатмир Битиќи. Вака формираниот конзорциум во чиј состав се и двете наведени НВО, добива странски грант од 620.000 евра, тврди Ковачки.
– Клучното е што на седница на Влада на која присуствува и вицепремиерот Битиќи, го задолжува националниот координатор за борба со тероризам да склучи меморандум со наведениот конзорциум и тоа токму на полето на безбедноста, рече Ковачки и ги повика ДКСК и ЈО да го истражат случајот и да ја запознаат јавноста дали службени лица ја злоупотребиле својата позиција и го искористиле своето влијание за донесување на одлука која е во интерес на трета страна, за возврат на материјална или нематеријална корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.