Македонија
Ковачки до Ковачевски: Лажеше и клеветеше, а сега дезертираш и се криеш зад имунитет

„Дезертерот што одби да си ја брани државата, а сега е премиер, лажно обвинува и дезинформира. На чело на државата имаме човек кој не си стои до кажаното и БЕГА од соочување со последиците од неговите неосновани и тендециозни обвинувања. Имено, пред извесен период поднесов тужба против Ковачевски, поради фабрикуваните лаги и неточни квалификации искажани од него кон мене во обид да се одбрани поради своите постапки на кои ниту јас, ниту било кој од ВМРО-ДПМНЕ сме го присилиле (тој избегал од војска во 2001 – и тоа е факт и сега, а ќе биде факт и после 10 години)“ пишува меѓудругото на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој вели „тужбата ја поднесов затоа што Ковачевски јавно ме обвини дека:
1. Сум кодошел,
2. Сум крадел документи од АРМ,
3. Сум издавал информации и
4. Сум тргувал со информации со странски структури“.
Ковачки вели дека „Ковачевски исто така кажа дека „НАТО не сакал кодоши” со што јавно потврди дека сето погоре што го наведов, дека неговите безбедносни служби веќе вака фабрикувано го испратиле во Брисел со цел оцрнување. И сега, наместо да излезе пред Суд и да ги брани своите тврдења, Ковачевски исто како во 2001 кога избега и се криеше позади неговиот татко (градоначалник) со лажни дијагнози, така и овојпат избега од Судот и се сокри позади ИМУНИТЕТ“.
„Граѓани на Македонија, имаме премиер кој искажува најгнасни лаги и тешки обвинувања за кои откако ќе го повикате да истите ги повтори и потврди со докази, тој БЕГА и СЕ КРИЕ позади ИМУНИТЕТ“ пишува меѓудругото Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изградба на нов саемски комплекс во Скопје: се разгледуваат можности, најавија од Владата

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска одржа работна средба со претставници на „Скопски саем“, на која дискутираа за потребата и важноста од изградба на нов саемски комплекс во Скопје. На средбата беа разгледани можностите за локација, инфраструктурни услови и иновации кои би го направиле новиот саемски простор конкурентен на регионалните и меѓународните пазари.
„Враќањето на „Скопски саем“ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар“, изјави директорот Томовски, истакнувајќи го значењето на оваа иницијатива за развојот на економијата.
Даниела Глигоровска, директорка на „Скопски саем“, ги нагласи предностите од обновување на саемската активност, која веќе неколку години не се одржува во свој објект.
„Саемите претставуваат клучни настани за промоција на македонските производи и услуги, како и за создавање на нови можности за странски инвестиции и соработка. Изградбата на современ саемски комплекс ќе ги отвори вратите за нови можности и ќе создаде услови за зајакнување на економијата“, додаде Глигоровска.
На средбата беше договорено меѓуинституционалната соработка и поддршка да продолжи и во периодот што следи подетално да се разгледаат сите аспекти и можности за изградба на нов објект за потребите на саемските манифестации.
Македонија
На делницата Миравци – Демир Капија од 11 часот сообраќајот се одвива по една коловозна лента

На патниот правец А1, на делницата Миравци – Демир Капија, од 11.00 часот сообраќајот ќе се одвива по една коловозна лента во должина од 1000м. поради изведување на градежни работи на пат, (расчистување на одрон), извести АМСМ.
На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
„На учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината спрема условите на патот, како и почитување на поставената сообраќајна сигнализација“, велат од АМСМ.
Македонија
„Дали Зоран Заев во Дубаи гради високи згради од над 50 ката и дали на тој начин ја стекнал златната виза“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Времето изминува, СДС се занимава со сè и сешто, шета од тема на тема, но за темите што ги интересира цела јавност ги нема ни збор да кажат. Веќе извесен период прашуваме и ги повикуваме СДС, Венко Филипче и Зоран Заев да одговорат дали поседуваат златни визи за Дубаи? Ако поседуваат, тогаш на кој начин ги стекнале имајќи предвид дека таквите визи се стекнуваат со вложувања или инвестиции кои надминуваат и неколку милиони“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Зоран Заев во Дубаи гради високи згради од над 50 ката и дали на тој начин ја стекнал златната виза? Ако е така, колку милиони однесе таму и од каде му се парите?
Оттука, го поставуваме и прашањето, дали и Филипче исто така е поврзан со оваа афера, па затоа од неговиот ментор Заев е поставен на чело на СДС за да му го чува грбот?
Сите знаат дека Филипче е верна сенка на Заев и дека тие двајцата се прават заедно, па оттаму е и дилемата дека во аферата со висококатниците во Дубаи можно е и тој да е вклучен.
Овие двајца беа неразделни и за време на нивното заедничко владеење, па така се богатеа врз грбот на граѓаните местејќи тендери, посебно во ковид кризата каде што живи беа фатени како договараат милионски провизии за набавка на вакцини.
Венко Филипче и неговиот ментор Заев со години наназад ја уништуваа и ограбуваа државата, па тие пари сега ги вложуваат во приватни бизниси. Во јавноста глумеа дека ја спасуваа Македонија, но тие само се спасувале самите себеси и милиони спечалени врз грбот и здравјето на граѓаните.
Зачудувачки е нивниот молк и фактот што на сите овие прашања и дилеми Филипче, Заев и СДС, ниту реагираат ниту пак ги демантираат. Можеби затоа што немаат аргументи и затоа што сите овие дилеми се точни, одговор треба да дадат тие.
Но едно е сигурно, СДС, Заев и Филипче, се синоним за криминал, неспособност и национални предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.