Македонија
Ковачки: Министрите на СДСМ предизвикаа катастрофа во АРМ, нудиме законско решение кое ќе ги поправи состојбите
По итна постапка денеска поднесуваме предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, најави на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
„Штетите кои настанаа како последица на неодговорното и нестручно раководење со одбраната и Армијата од страна на министрите на СДСМ веќе се чувствуваат и на организациско ниво, но и помеѓу воениот персонал. Токму затоа, како одговорни пратеници, нудиме законско решение со цел санирање и колку-толку поправање на катастрофалната состојба во АРМ“, посочи претставникот на опозициската партија.
Ковачки објасни дека ова законско решение предлага подобрување на условите за пензионирање на активниот воен персонал и давање можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон, со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж без оглед на годините на возраст за мажи и 38 години стаж за жени.
„Исто така, со овој предлог-акон предлагаме да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија.
Со овој предлог, ги враќаме ингеренциите на НГШ на АРМ кои со последните измени му беа одземени од страна на министерот во поглед на поставување високи офицери на служба во Армијата, со што цениме дека ќе се придонесе и за департизација и за професионализација на Армијата.
Исто така, со овие предлог-измени, се регулира статусот на професионалните војници на кои службата во Армијата им престанува поради навршување на 45 години старост, на начин што на истите им се даваат две опции: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас, со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно нивната стручна подготовка или право на отпремнина, односно еднократен надоместок во износ од 1.000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината во служба во Армијата“, кажа Ковачки кој повика владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ да имаат слух и доблест да го прифатат и поддржат ова законско решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

