Македонија
Кога ќе се констатира грешка, се презема одговорност, тоа е доблесно, рече Мицкоски за оставките на членовите во Комисијата за помилување

Жив човек кој што работи знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката се презема одговорност, тоа е доблесно. Вака премиерот Христијан Мицкоски ги искоментира оставките на сите членови на Комисијата за помилување.
„Констатирана е грешката и единственото нешто што тие го имаат како морален чин е да се повлечат, а тоа и го направија. Така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан по повод потпишување на договорот од првата транша од проектот 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.
Членовите на Комисијата за помилување вчера поднесоа колективна оставка, соопшти професорот Гордан Калајџиев.
Oставките дојдоа во моментот кога помилувањата кои ги потпиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предизвикаа бројни реакции во јавноста.
Одлуката за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд

Времето денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.
Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.