Македонија
Кодекс за владините службеници: Фејсбук само по работа и да внимаваат што споделуваат
Јавните и кабинетските службеници коишто работат на односите со јавност треба да ја кажуваат вистината, да бидат непристрасни, да бидат внимателни во својот пристап, да ја задржат објективноста, да носат одлуки исклучиво врз база на претходна анализа на факти, да ги стават обврските коишто произлегуваат од службата пред личните интереси, да се свесни за постоење на судир на интереси и да го одвојат приватното од професионалното делување. Ова се наведува во документот „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“ кој го објави денеска Владата.
Во него Владата објавува 9 правила за однесување на владините службеници на социјалните мрежи, со кои им се препорачува да не објавуваат и споделуваат навредливи содржини, а за она што не се се сигурни дали е соодветно за јавност да побараат совет од колега или од претпоставениот пред да го објават. Исто така:
- Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се прекршиле нечии авторски права.
- Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации со коишто би се извршило селективно промовирање или фаворизирање на одреден правен или приватен субјект, со што би се влијаело врз создавање нелојална конкуренција
- Не се објавуваат, ниту се споделуваат информации коишто се класифицирани или имаат таков сличен статус или информации коишто би ги изложиле Вашите колеги и Вас лично на ризик, без разлика дали станува збор за криминал, тероризам или шпионажа. Информации поврзани со криминал, тероризам или шпионажа се пријавуваат кај соодветен орган/институција или кај претпоставениот.
- Не се објавуваат, ниту се споделуваат фотографии на коишто може да се препознае идентитет на малолетно лице, без претходно да се добие писмена дозвола од нивните родители/старатели, освен во случај кога настанот е јавен и е на отворено.
- Не се објавуваат, ниту се споделуваат содржини за коишто не сте сигурни дали се соодветни за јавност. Во овој случај треба да се побара совет од колега или од претпоставениот.
- Нови информации коишто за првпат се изнесуваат во јавност треба премиерно да се објавуваат на официјалните канали на Владата или на највисоките претставници на институциите.
- Не се објавуваат неточни информации или шпекулации со коишто на кој било начин би ги довеле граѓаните во заблуда.
Документот содржи кодекс за однесување на владините службеници со јавноста во кој се наведува дека објавувањето содржини во лично име може да се поврзе со позицијата и институцијата во којашто работи владиниот комуникатор, односно работната позиција како владин комуникатор и приватноста на личноста се тешко раздвојливи. Поради тоа, секоја содржина на личниот профил може да биде третирана и перципирана како став на институцијата, дури и во случаи кога ставот е нагласен како личен. Треба да се има предвид дали споделената содржина може да предизвика негативен публицитет и нарушување на угледот на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор.
,,Споделените содржини на личните канали на социјалните медиуми можат да станат јавни, дури и ако се споделени исклучиво на приватни и затворени канали. Учеството во евентуални политички или јавни дискусии и активности коишто може да ја компромитираат непристрасноста на владиниот комуникатор треба целосно да се избегнуваат. Активностите на владините комуникатори, како претставници на извршната власт, се под посебен мониторинг од граѓанското општество, од политичките субјекти и од медиумите, со што се мери поведението на извршната власт. Несоодветните комуникации коишто содржат дискриминирачка, навредувачка, заканувачка содржина, или елементи на говор на омраза, можат да бидат пресликани како карактеристики на институцијата којашто ја претставуваат владините комуникатори. Ваквите објави секогаш треба да се избегнуваат”, се вели во документот и се додава:
,,Содржините споделени преку социјалните медиуми имаат еднаква важност со содржините споделени преку кој било друг традиционален или електронски медиум. Оттука, на приватните канали на социјалните медиуми треба да избегнуваме: • Промовирање на партиско-политичка пристрасност; • Активности коишто предизвикуваат негативна репутација за институцијата во којашто работи владиниот комуникатор или за друга институција; • Недоречености и нејасни информации коишто оставаат простор за различни толкувања или изменет контекст; • Навреди, говор којшто поттикнува омраза и дискриминација или така може да биде протолкуван; • Објавување класифицирани информации или службени содржини коишто сѐ уште не се објавени во јавност; • Учество во незаконски активности или несоодветно однесување; • Кршење на условите коишто се однесуваат на работниот однос на владиниот комуникатор, на каков било начин.
Објавувањето во текот на работното време е несоодветно. Владините комуникатори, како и сите други јавни службеници и претставници на институции, имаат јавно достапни работни позиции и работно време. Секое објавување на содржини на социјалните медиуми во текот на работното време може да биде третирано како избегнување на работните задачи и со тоа да се нанесе негативна репутација на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор”.
Како што информираат од Владата, целта на оваа стратегија е да обезбеди видлив и достапен систем за односи со јавност, како целосно нов концепт за активна транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните. Стратегијата обезбедува нова комуникациска култура за критичка и слободна јавна дискусија во иницирањето, креирањето и спроведувањето на амбициозната програма за политички и демократски реформи и за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. Со овој документ дефинирани се правци за професионален развој на владините комуникатори, стандарди за кампањи од јавен интерес, а за прв пат е усвоен и етички кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините комуникации, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање.
,,Стратегијата, како концепт за отвореност и сервисна ориентираност на Секторот за односи со јавноста на Владата не е наследена, ниту можеше да се најде низ институционалните протоколи за работа на Владата до 2017 година. Во изработката на стратегијата со свои визии, водство и придонес, учествуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министрите и владините комуникатори, а при тоа во целост беа земени предвид и гласот и ставовите на јавноста и на медиумите, како и демократските вредности, како што се отчетноста, услужноста и слободата на изразувањето.
Комуникациската стратегија ги утврдува и ги става на увид на јавноста организациската поставеност на ПР секторот, целите и функциите на еден професионален систем со план за комуникации за петте стратешки столба на владините политики како што се: Ние сме НАТО, одиме во ЕУ; Силна економија – шанса за сите; Држава за граѓаните – вложуваме во луѓето, се грижиме; Едно општество, праведно и еднакво за сите; и Отворена влада во служба на граѓаните.
Стратегијата за комуникација со јавноста за 2019-2020 е резултат на речиси двегодишен ангажман и соработка на владините службеници за односи со јавност кои, согласно определбата на Владата да биде отворена, се вложија во создавањето систем за демократски и сервисен систем за владини комуникации, остварен во соработка со Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

