Македонија
Колев: Да престанеме да се делиме на ваши и наши за да не нѐ манипулираат
Следниот месец Македонија ќе слави 28 години од својата независност, а нашата апатија е сè уште тука. Поделени на „наши“ и „ваши“, заборавивме акцентот да го ставиме на нешто поголемо и далеку поважно од тоа како „нашите“ да дојдат на власт, изјави претседателот на ГДУ, Петар Колев, по повод „Илинден“.
Честитката ја пренесуваме во целост
„Илинден треба да нè потсети дека борбата е процес кој не запира во ниту еден момент. Не би сакал ова мое обраќање да изгледа помпезно, напротив, сакам да знаете дека никој не е поголем од крајната цел нашата земја да стане модерна држава во која владее правото, земја која има висок економски стандард и не е место од кое што бараш начин да се евакуираш.
Денеска, 116 години после Илинден, некои мои колеги политичари, ќе ве замајуваат со патриотски приказни за фаланги, комити, партизани и сл. други пак ќе ви велат дека „само што не сме процветале“, ама вистината е сосема друга. Со секој нареден Илинден, во училиштата на нашата земја има се помалку деца. Во нашите болници има се помалку доктори. Во устите на нашите мајки и татковци има се помалку заби.
Можам да редам уште, но каква е смислата. Бев дете на 5 години кога Македонија го прослави својот прв Илинден, како независна земја, од тогаш до сега вие сте тие кои најдобро знаете како се живее во Македонија и дали сакате вашите деца и внуци да живеат во таква Македонија.
Затоа без многу протоколарности сакам да ви кажам: Ако можеа Илинденци да кренат рака против една цела империја, можеме и ние да се избориме за нашата Македонија, таква, каква што сакаме да ни биде. Треба само да поверуваме во таа борба вистински и да прекинеме да се делиме на „наши и ваши“, бидејќи додека се делиме најлесно ќе можат да нè манипулираат. Тоа е вистината.
Секоја генерација има свој Илинден. Ние нашата генерација сме тие кои можеме да ја донесеме промената, без пушки и пиштоли, но со упорност и храброст. Јас верувам во вас драги мои пријатели, поверувајте и вие. Ако упееме да го промениме системот и да им оставиме една подобра земја на нашите деца, значи сме го достигнале нашиот идеал, нашиот вистински Илинден“, вели Колев во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

