Македонија
Комисијата за заштита од дискриминација незадоволна од предлог-законот за основно образование
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го изразува своето незадоволство од Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за основно образование.
Од тука велат дека првична цел за изменување на Законот беше, да се внесат одредби со кои ќе се оневозможи и превенира сегрегацијата на децата Роми во образованието, односно да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права „Елмазова и други против Република Северна Македонија“.
„Сегрегацијата на децата Роми во образованието е сериозен и комплексен проблем кој претставува форма на системска расна и етничка дискриминација и за негово решавање се потребни системски промени во законската рамка, политиките на национално и локално ниво во областа на образованието, домувањето и социјалната заштита, но и сериозни инвестиции во спроведување на соодветни мерки, со цел, овозможување на инклузивно образование на сите деца“, се наведува во нивната реакција.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има донесено повеќе мислења и постојано апелира за системски измени, со цел, решавање на овој проблем. Оттука, сметаат дека измените на Законот за основно образование во овој дел се недоволни и нема да придонесат значајно кон искоренување и превенирање на овој проблем. Комисијата спроведе повеќе активности и упати мислења и барања до Министерството за образование и наука во однос на законскиот текст кои не се пресретнати. Се наведува дека одбивањето да се именува проблемот со своето име „сегрегација“ на симболичен начин зборува за недостатокот на соодветни и целисходни решенија за надминување на проблемот. Министерството повторно предвидува исклучоци од правилото за запишување на деца во најблиското училиште, со што се овозможува опстојување и продлабочување на сегрегацијата.
Според Комисијата уште повеќе загрижува фактот што Министерството го користи законот за да направи измени на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието, на штета на родовата еднаквост и на штета на заштитата од насилство и дискриминација на младите со поинаква сексуална ориентација и родов идентитет.
„Спротивно на Конвенцијата за правата на детето, Министерството го определува родителот како страна која треба да го има последниот одговор во однос на најдобриот интерес на детето. Оттука, најдобриот интерес на детето станува интерес на родителот. Согласно Конвенцијата, родителот учествува во определување на најдобриот интерес на детето, но потребно е да учествуваат и стручни лица од областа на образованието, социјалната и здравствената заштита. Преку оваа и други измени, Министерството го враќа назад процесот на инклузија наместо да донесе решителни одредби и да направи сериозни инвестиции во обезбедувањето на услови за инклузивно образование“, велат од антидискриминаторската комисија.
Со измените, како што се наведува, се бришат термините родова еднаквост и сексуална ориентација, родот и родовиот идентитет како дискриминаторски основи. Ова е спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој предвидува усогласувања на законодавството.
Комисијата досега има постапувано во неколку случаи на дискриминација и врсничко насилство кон деца со различни заштитени карактеристики во образованието како деца со попреченост, посебни образовани потреби и ЛГБТИ.
Образованието е клучна област во која се случува и во која се нормализира нееднаквоста, насилството и дискриминацијата на различни групи и која понатаму остава далекусежни последици кон психо-социјалниот развој на децата, зато а се апелира до Министерството и Владата да го изменат законот согласно нивните коментари и насоки и да земат предвид дека како тело за еднаквост, Комисијата ја има стручноста, надлежноста и капацитетите во оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

