Македонија
Комунална тврди дека тие го исчистиле споменикот на Гоце Делчев, а не Бугарите кои му ставија бугарско знаме
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ги оцени како невистинити објавите на, како што рече, извесни провокатори чии фотографии осамнаа интернет дека го чистеле споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк.
Реакцијата следи откако бугарската фондација „Македонија“ стави бугарско знаме пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје и се пофали дека го исчистила.
Од ЈП „Комунална хигиена“ коментираат дека овој споменик, како и бројни други споменици низ градот се предмет на вандалски чинови и оштетувања во континуитет, при што само на споменикот на Гоце Делчев јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во изминатиот месец дури три пати има преземено акција на целосно чистење со соодветна механизација, средства и човечки ресурси.
„Тоа што некој врз нашите обележја става знаме на странска држава, а воедно лажно зема заслуги за работата на јавното комунално претпријатие презентирајќи ја како своја, дополнително е за осуда и ги повикуваме надлежните институции да го истражат случајот и да преземат соодветни мерки“, велат од претпријатието.
Дополнително апелираат и повикуваат на свесност кај граѓаните да не се вандализираат и оштетуваат спомен-обележјата и јавните површини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.
Македонија
Деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток – продолжува изградбата со забрзано темпо
Град Скопје информира дека е деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток и дека градежните активности продолжуваат со забрзана динамика. По период на застој, продолжува реализацијата на една од најважните сообраќајни точки во градот, каде се пресекуваат неколку клучни правци.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека по неколкумесечен застој, повторно се работи на проектот кој се смета за една од најстратешките точки во Скопје.
Во тек е изградбата на атмосферскиот канализациски систем Ф1200 на булеварот „Никола Карев“, во должина од 550 метри – од мостот над Серава до булеварот „Словенија“.
Паралелно, на истиот булевар се гради нов мост над Серава, кој ќе премостува три ленти во едната насока и четири во другата, со вкупна ширина од 44 метри.
Се подготвува и надвозник долг 43,5 метри до булеварот „8 Септември“, кој ќе биде премостен од булеварот „Никола Карев“ и ќе го поврзе кружниот тек со турбо кружниот тек.
Од Град Скопје наведуваат дека дел од активностите се изведувале во сложени услови поради густ сообраќај и нерешени имотно-правни односи, но дека процесот е деблокиран и динамиката на работа се забрзува.
Според најавите, оваа сообраќајна спојка ќе донесе олеснување за илјадници граѓани преку побрз проток, намалување на метежот и современ пристап до градот.

