Македонија
Конкурсот за наградата „Жан Моне“ е сѐ уште во тек
Конкурсот за наградата „Жан Моне“, што го објавија Делегацијата на ЕУ и Советот за етика во медиумите (СЕММ), сѐ уште е во тек и е отворен до 25 ноември. Наградата се доделува за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Градење доверба во несигурни времиња“.
Конкурсот опфаќа 3 натпреварувачки категории: најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми и/или на интернет), понатаму најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) и најдобра аматерска фотографија.
Творбите што ќе учествуваат на конкурсот во првата категорија најдобра новинарска сторија се стории чии автори се новинари од државата и се на темата, а се објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 20 ноември 2017 и 24 ноември 2018 година. Сториите треба да се потпишани со вистинското име на авторот.
Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ-формат, заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 25 ноември 2018 година, до 18 часот. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо-центарот. Наградата за оваа категорија е статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
Втората категорија, односно конкурсот за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до 3 фотографии на тема „Градење доверба во несигурни времиња“, објавени во периодот меѓу 20 ноември 2017 и 24 ноември 2018 година. Еден од критериумите е и фотографиите да не се користени за комерцијални цели.
Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 25 ноември 2018 година, до 18 часот. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо-центарот. И тука наградениот ќе добие статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.
Кај конкурсот за најдобра аматерска фотографија може да биде доставена една фотографија на тема „Нашата различност, наша сила“. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.
Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: [email protected], најдоцна до 25 ноември 2018 година, до 18 часот. Секој кандидат може да испрати по 1 (една) фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на ЕУ инфо-центарот. Наградата е диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.
Оваа активност е организирана во соработка со Советот за етика во медиумите. Делегацијата на Европската Унија нема да се смета за одговорна за каква било законска обврска што произлегува од какви било спорови во врска со авторските права за кои исклучиво е одговорен пријавениот натпреварувач. Делегацијата на Европската Унија го задржува правото да ја поништи квалификацијата на пријавената творба за која се спори и да ги повлече доделената награда и паричната награда. Оваа активност не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Жирито ќе се состои од седум члена – претставник од Делегацијата на Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања, минатогодишниот победник во рамките на категоријата за најдобра репортерска фотографија, минатогодишниот победник во рамките на категоријата за најдобра новинарска сторија, претставник од новинарско здружение, претставник од ЕУ инфо-центарот, како и почесен претседател на жирито.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 12 декември 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

