Македонија
Конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата
Социјалната заштита, здравството, образованието, вработувањето, пристапот до правда, домувањето, спортот и медиумите за ЛГБТИ-лицата се темите за кои се носат конкретни заклучоци на дводневната регионална конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата во земјата.
Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Советот на Европа, а на неа денеска говореа министрите за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за здравство, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче, како и претставничката од Советот на Европа, Елени Цецеку, и Билјана Гинова, копретседавач на ЕРА.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека годинава е направен историски чекор напред со носењето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата, кој се темели на Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција за спречување на сите форми на насилство и отворивме шелтер-центар за заштита на жртви од насилство.
„Свесни сме дека сè уште се потребни значителни напори за спротивставување на нетолеранцијата кон ЛГБТИ-заедницата. Позитивните промени можеме да ги донесеме само заедно бидејќи секој од нас има улога и општествена одговорност. Токму како резултат на оваа конференција ќе имаме акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ и на национално и регионално ниво, кој ќе можеме понатаму да го користиме за носење стратегија за надминување на хомофобијата и трансфобијата. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и унапредување на квалитетот на животот за сите“, рече Царовска.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека кога се говори за еднаквиот пристап до правдата, нема никаква дилема – секогаш се тргнува од фундаменталното уставно-правно начело на еднаквост пред законите. Дополнително, со дефинирањето на кривичното дело омраза како кривично-правно дејство, насочено, меѓу другото, и кон припадници на ЛГБТ-заедницата, во Кривичниот закон на РСМ од крајот на минатата година, се овозможи натамошно продлабочување и прецизирање на постапките и процедурите на полициското работење во таквите случаи.
„Убеден сум дека од огромна важност е да се допре до секој поединец во преиспитување на предрасудите, на штетните застарени практики и поведенија, на дискриминацијата по кој било основ, вклучително и по основ на сексуалната ориентација на луѓето. Искрено, очекувам оваа конференција да даде своја квалитетна контрибуција во таквите наши напори за градење правично, просперитетно општество за сите“, истакна министерот Спасовски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во обраќањето истакна дека здравствените работници треба да осигурат оти секое лице во секое време ќе добие соодветна здравствената заштита, без никаква дискриминација.
„Сакам да нагласам дека со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата основите на сексуална ориентација и родов идентитет се експлицитно наведени, при што се забранува секаква дискриминација на трансродовите лица во повеќе области наведени во законот, меѓу кои и областа на здравството, работните области, образованието и други области. Имено, со усвојување на овој закон сите министерства се задолжени во рок од две години да ја хармонизираат својата легислатива со новиот концепт на недискриминација, кој е хармонизиран со ЕУ-директивите и меѓународните стандарди“, рече министерот Филипче.
Претставничката од Советот на Европа, Елени Цецеку, истакна дека со унапредувањата на правата на ЛГБТИ, невидливите ги правиме видливи, а тоа може да се нашите деца, соседи, пријатели…
„Во изминатите 5 години како дел од Советот на Европа можев да видам позитивен напредок во сите 25 земји членки, но овој напредок е кревок и не сметаме дека сме ја добиле битката. Со самото тоа што имаме тројца министри на конференцијата, кои работат на промоција на правата на ЛГБТИ, сме постигнале многу, но општеството дава отпор и исто така и верските лидери, кои се обидуваат да ги наметнат верските убедувања. Овие убедувања не мора секогаш да се прифатат. Советот на Европа е ваш партнер и ваш поддржувач во унапредувањата на правата на ЛГБТИ-лицата“, рече Цецеку.
Билјана Гинова, копретседавач на ЕРА, ја нарече конференцијата историска бидејќи кај земјите од регионот се забележува напредок во унапредувањето на правата на ЛГБТИ-лицата.
„Во времето кога ја основавме ЕРА како мрежа, кога разговаравме дека вмрежувањето на НВО мора да оди паралелно со вмрежувањто на владите при унапредувањето на пристапот до права за ЛГБТИ-луѓето, во земјата владееше трансфобичен период, а видете каде сме денес“, рече Гинова.
Гинова ги повика присутните, граѓаните и поддржувачите в сабота гордо да маршираат, со што ќе ѝ се спротивстават на дискриминацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

