Македонија
Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија, велат од Стејт Департментот за „Гласот на Америка“

Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за „Гласот на Америка“ на македонски, на прашањето дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.
„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Собранието со европско знаменце и во забрзана постапка ги помина измените на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција, а претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, потсетува „Гласот на Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– Во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од село Крушопек, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, Дел од корисниците на ул.1 во село Копаница, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на улиците Руди Чајавец, Милан Зечар, Коста Новаковиќ, општина Аеродром;
– Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците на дел од село Бардовци, кај пругата, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно време, попладне дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, информира УХРМ.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Градско – Прилеп

Сообраќајот на експресниот пат Градско – Прилеп од ноќеска, во 01:20 часот е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно од АМСМ информираа дека поради товарно моторно возило сообраќајот беше попречен и се одвиваше по стариот пат низ село Росоман.