Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Само гласни и обединети ќе се спротивставиме на говорот на омраза и родово насилство
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на панел-дискусијата „Предизвиците на говорот на омраза: Еманципација и еднаквост на жените во политиката“ што се одржа во „Мала станица“ рече дека треба да сме гласни и обединети против говорот на омраза со што ќе покажеме дека тоа не е новото нормално.
„Да не бидам гласна, храбра, независна како тие што рекламираат кредити туку да бидам гласна затоа што говорот на омраза ни се случува на сите“, потеницираше Костадиновска-Стојчевска.
Споделувајќи го своето негативно искуство со говорот на омраза на социјалните мрежи, министерката за култура истакна дека не треба да има толеранција кон говорот на омраза кој е многу присутен на социјаните мрежи.
„Не сум меѓу првите кои доживеале говор на омраза на социјалните мрежи, но сакам да сум меѓу последните што ќе бидат мета на овој говор на омраза, од кој се чувствувам непријатно“, рече министерката за култура, истакнувајќи ја потребата од повеќе механизми за поддршка и законски измени во насока на спречување на оваа несакана појава.
„Денес е светски ден на театарот, а дел од денот поминав со младите од ФДУ, со кои се согласивме дека треба да ја вратиме назад културата на одење во театар. Сметам дека ако најголемата моќ доаѓа преку културата, тогаш темата говор на омраза, семејство насилство треба да биде дел од темите кои почесто се обработуваат во културата. Не само преку културата, туку и преку сите облици да ги едуцираме децата со какви појави можат да се соочуваат“, додаде министерката за култура.

Истакнувајќи дека жената во политиката е лесна мета, а предизборието, како што се вели е „сезона на отстрел“, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека е прифатлива критиката за она што го работиме, но нашиот приватен живот не смее да биде изложен на говор на омраза.
На дискусијата на која се истражуваше сложената динамика на говорот на омраза кон жените во политиката, поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска- потпретседателка на Партијата на европските социјалисти која рече дека секој од нас минал низ некакво вид на онлајн насилство, а ако темата насилство кон жените ја сведиме само кон жените во политиката, ќе напривиме грешка.
„Нема само насилство во политиката, тоа може да и се случи на секоја жена. Сите анализи покажуваат дека ние сме врвот на ледениот брег, а глобален тренд е дека 78 проценти од жените се соочуваат кон ваков вид на вознемирување, а според некои истражувања 27 пати повеќе е поголема веројатноста дека жена ќе се соочи со ваков вид насилство“, рече Шекеринска, која истакна дека дури и најсовремените земји не успеваат да најдат одговор во борбата против родовото насилство што е навистина поразително.
Поранешната министерка за одбрана додаде дека платформите го стимиулираат и го наградуваат насилството, и како што рече „кога ќе го нормализираме насилството, прашање на време кога тоа ќе стане фактор“.
„Мора да покажеме кон некој ќе ја помине црвената граница, дека тоа не е нормално“, рече Шекеринска додавајќи дека потребна е промена на законите со што ќе се направи насилниците да почуствуваат казна.
Претседателката на Форумот на жени на ПЕС и сегашен член на Унгарскиот парламент Зита Гурмаи во видео-обраќањето рече дека родовото насилство, влучувајќи го и говорот на омраза преставуваат една од многуте закани за постигнување на родовата еднаквост.
„Говорот на омраза е една од многуте форми на насилство врз жените, кој што ги спречува во практикувањето на правата за рамноправност и живеење во рамноправно општество. Жените се половина од нашето општество и би требало да бидат рамноправно застапени во политиката и да имаат улога во донесувањето одлуки на секое ниво“, истакна Гурмаи, која дополни дека сепак, застапеноста на жените во политиката не е на потребното ниво.
Билјана Борзан од Хрватска, пратеничка Европскиот парламент рече дека политичкото насилство се користи за да се запрат жените во политичкото делување.
„Во Европската Унија дури 4 од 5 политичарки доживеале некаков облик на насилство, најчесто станува збор за понижување и сексистички напади, но за жал не се ретки ни силувањата, закани со смрт и физички напади“, истакна пратеничката Борзан, која додаде дека дури една четвртина од политичарките, денес во ЕУ, значи во 2024 година, доживеале сексуални напади.
Панел-дискусијата се одржа со бројно присуство, а организирана беше од Институтот за социјална демократија „Прогрес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.

