Македонија
Костадиновски – Вал: Уставниот суд во приоритетите за соработка на ОБСЕ
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер остварија работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килиан Вал.
На средбата беше констатирано успешното спроведување на активностите на Судот поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и предвидени со Меморандумот за разбирање кој беше склучен во февруари 2024 година, како што е организирањето на Меѓународна конференција по повод 60 години постоење на Уставен суд и обуките кои претстојат, а се во насока на зајакнување на капацитетите на Судот.

Претседателот Костадиновски го информираше амбасадорот Вал за неговите приоритети во мандатот со акцентирање на заложбата за воведување на уставна тужба како инструмент за унапредување на правата и слободите на граѓаните, обезбедување на двотретински закон за Уставен суд со којшто ќе се овозможи поголема независност и самостојност на Судот и зајакнување на транспарентноста.

Амбададорот Вал го информираше претседателот Костадиновски дека во претстојната развојна стратегија на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, фокус ќе биде ставен на Уставниот суд, а меѓудругото во топ приоритети ќе бидат заеднички констатираните заложби за воведување уставна тужба, зголемување на транспарентноста и јакнење на капацитетите на стручната служба.

На средбата беше постигната согласност за продолжување на соработката за склучување на нов Меморандум за разбирање и формирање на тимови кои ќе ги прецизираат сегментите на натамошна соработка со цел унапредување на работењето на Уставниот суд и промоција на вредностите за коишто се залага Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels
Македонија
СДСМ: „Златната виза“ не е злато, туку налепница во пасош
Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да ги објави документите или да одговори од каде 500 илјади долари за златна виза во Дубаи и инвестиции
Во свое појавување пред медиумите, Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи. Но со тоа, пак, потврди дека Заев сепак таму гради зграда висока 42 ката, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
„После оваа јавна потврда, во јавноста се јавуваат нови дилеми, на кои Филипче треба да даде одговори, како на пример, како дошол до златната виза за Дубаи.
Кога пред извесно време во јавноста се појави темата со златна виза на Филипче за Дубаи, тој се правдаше дека истата ја стекнал поради работен ангажман додека бил во напредни преговори и разговори со некоја тамошна болница.
Тој отиде до таму за што тврдеше и дека сето ова е така и со докази и документи ќе го докажел.
Доколку Филипче навистина бил на работа во Дубаи, договарал работа во некоја болница или што и да има измислено за оваа лага, бидејќи веќе ни тој самиот не се сеќава, нема да му биде проблем да ги покаже документите.
Но, до ден денес, Филипче не покажува документи за некаков договор или преговори за работена ангажман со некоја тамошна болница. Тоа е така, најверојатно, поради тоа што таквите документи, очигледно, ги нема.
Од друга страна имаме сведоштво на Тома Аврамски, поранешен соработник на Зоран Заев, кој рече дека ја видел 42-катницата која тој ја гради и дека бил во зградата во која Заев и Филипче имаат станови.
Но, Филипче како што не објави документи за разговори за работен ангажман, така не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали тоа е причината за добивање на златна виза.
Колку за потсетување на македонската јавност, за да се здобиете со златна виза, во Дубаи треба да се има минимум инвестиција од 500.000 долари, но до оваа сума на пари не се стигнува со докторска и пратеничка плата.
Затоа, Филипче да не молчи, кога веќе не објавува документи за наводен работен ангажман, туку да одговори дали златната виза е поради влог во Дубаи од минимум 500.000 долари и на кој начин ги има тој заработено овие пари?
А ваквото темно минато создадено од двоецот Заев-Филипче треба да остане таму кај што му е местото, во минатото, а не да сака да ја предводи иднината на државата“, се вели во соопштението.

