Македонија
Костадинов: Мицкоски стана промотор на мерките на СДСМ
Човекот кој 11 години не знаеше и не направи ништо за намалување, што не знаеше што значи интерес на граѓаните, тоа е Христијан Мицкоски, почна да станува промотор на политиките на СДСМ, изјави портпартолот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Откако СДСМ ја промовираше мерката за намалување на ДДВ за парно од 18 на 5%, се јави Мицкоски, дека тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе се заложеле да се намалат трошоците за затоплување. Тоа почитувани се вика лицемерие и неодговороност. Тоа почитувани граѓани е истиот Христијан Мицкоски, советник на Никола Груевски за енергетика, кој со години не предложи ниту една мерка за намалување на трошоците за граѓаните. Напротив, додека го советувал Никола Груевски, укината е евтината тарифа на струјата, а цената на електричната енергија се зголеми за 100 отсто. Додека Мицкоски го советуваше Никола Груевски, граѓаните на Скопје беа принудени да плаќаат за парно дури и ако не го користат. Додека трошоците на граѓаните растеа, Мицкоски молчеше и го гледаше бизнисот со хидроцентралите кој го добил од Владата дури тој му бил советник на Никола Груевски“, рече Костадинов.
Тој додаде дека согласно одлуката за намалување на ДДВ-то за испорака на топлинска енергија од 18 на 5 проценти, од почетокот на новата грејна сезона, граѓаните ќе добиваат помали сметки за парно греење, а тоа значи дека секое семејство приклучено на централно парно греење со стан со просечна квадратура ќе добива пониска сметка за околу 220 денари месечно, што значи годишна заштеда од над 2.600 денари.
„Секако, добро е ако Мицкоски разбрал што се вистински политики, па стана промотор на политиките на Владата предводена од СДСМ кои значат помали трошоци за граѓаните и повеќе пари во нивните џебови. Го охрабруваме Христијан Мицкоски да презентира и сопствени мерки, кои, за промена ќе бидат во интерес на граѓаните, наместо во интерес и одбрана на криминалите како што тоа го прави досега“, додаде Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

