Македонија
Костадинов: Наместо да бара одговорност за партиските пари, Мицкоски го штити Камчев

На докажаниот губитник Христијан Мицкоски, поважен му е тајкунот на режимот – Орце Камчев, отколку парите од партиската каса, парите на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјави на прес-конференција, портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Очигледно е дека големи се хипотеките на Мицкоски кон Камчев па затоа прави се за да му помогне на овој тајкун од времето на режимот. Наместо Мицкоки да биде првиот кој ќе повика на брза разрешница на предметот „Плацовите на Водно“, тој на Камчев му го донира првиот човек на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиновски како бранител. Токму Камчев заедно со Никола Груевски и Сашо Мијалков се осомничени во овој предмет за наводна злоупотреба на 1,3 милиони евра пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ кои менторот на Мицкоски, Никола Груевски ги искористил за купување на плацови од десетици илјади квадратни метри на Водно“, вели Костадинов.
Портпаролот на СДСМ смета дека на Мицкоски не му е до правдата, граѓаните или членовите на неговата партија, туку му е важно само да ги одбрани криминалците во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Скандалот со испитниот центар во МВР мириса на корупција, бараме истрага

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска обвини дека тендерот за организирање возачки испити во МВР е тежок скандал и „смрди на корупција“.
Според Кузеска, новооснована фирма зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ добила милионски договор и петгодишен монопол за полагање возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен, иако, како што рече, не ги исполнувала основните услови за работа. Таа потсети дека МВР прво ја лиценцирало фирмата, а сега истиот тој испитен центар бил затворен бидејќи немал документација, стручен кадар и возила.
„Дали милионскиот тендер бил доделен само затоа што зад фирмата стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова се јасни индиции за однапред наместен тендер и корупција кои мора да се истражат“, изјави портпаролката на СДСМ.
Партијата побара Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет, а Обвинителството да покрене истрага за да се утврди одговорност.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Фризерница во време на Заев добивала Еразмус+ проекти за медиумска писменост вредни над 270 илјади евра

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека за време на владеењето на СДСМ биле доделени сомнителни грантови преку програмата Еразмус+.
Според него, фризерско студио со две столчиња во период од три години добивало повеќе грантови за проекти поврзани со медиумска писменост во вкупна вредност од над 270 илјади евра. Манасиевски тврдеше дека сопственикот на фризерницата е близок пријател на поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, како и активист на СДСМ.
„Ниту тогаш, ниту денес постои одговорност за сомнителните случаи каде што лица блиски до СДСМ добивале стотици илјади евра преку Еразмус+. Одговорност мора да има“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека во СДСМ владее „паника и страв“ од разоткривање на, како што рече, криминалното владеење и дека правосудните институции треба да постапат.
Македонија
Царинaта спречи опасен шверц на илјадници лекови, против лице од Косово поднесена кривична пријава

Царинските службеници на граничниот премин Богородица открија и спречија обид за криумчарење на 4.577 парчиња небезбедни лекови, скриени во багажниот простор на изнајмено возило. Против едно лице, државјанин на Косово, Одделението за истраги во Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“.
Станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле во рефузна состојба, односно без оригиналното пакување, како и без соодветни дозволи и сертификати од надлежни институции. За да избегне царинска контрола, сторителот лековите ги наредил во редови и ги скрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии.
Со ваквиот начин на транспорт се загрозува безбедноста на граѓаните, бидејќи лекови кои не се соодветно декларирани, складирани, транспортирани и без соодветни дозволи и сертификати можат да претставуваат сериозен ризик по здравјето.
По брзата реакција на инспекторите, кои работеа на случајот во текот на изминатото деноноќие, поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија, од каде што е изречена мерка за одземање на лековите.
Царинската управа ќе продолжи со засилени контроли на граничните премини со цел спречување на шверц на лекови и заштита на јавното здравје.