Македонија
Костадинов: Со гласање против одлуките за вонредна состојба ВМРО-ДПМНЕ ја потврдува својата деструктивност
Најавите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против потврдувањето на одлуките за прогласување вонредна состојба уште еднаш ја потврдија деструктивноста и неодговорноста на оваа партија. Ова го изјави пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, откако денеска Антонијо Милошоски информира дека ќе гласаат против одлуките за прогласување вонредна состојба, а кои се ставени како дел од дневниот ред на собраниската седница.
Според Костадинов, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски се води единствено од политички популизам и воопшто не им е грижа за интересите на граѓаните и државата.
Костадинов вели дека вонредната состојба била исклучиво во интерес на граѓаните и неопходна за брзо дејствување на Владата и институциите во ситуација кога имавме распуштено Собрание и преодна влада со мандат за организирање парламентарни избори.
Нагласи дека истовремено и Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на втората одлука за прогласување вонредна состојба и ги отфрли сите поднесени иницијативи во однос на уставноста на петтата одлука за прогласување вонредна состојба. Со тоа, како што рече Костадинов, Уставниот суд ги расчистил сите дилеми поврзани со уставноста на одлуките.
„Потврдувањето од страна на Собранието на одлуките за прогласување вонредна состојба е во интерес на граѓаните, на институциите, на државата. Денеска, видовме дека ВМРО-ДПМНЕ упорно стои на спротивната страна. ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски останува посветена на деструкција, неодговорно и незрело однесување, кое е на штета на Собранието, на државата. Без разлика на сите обиди за опструкции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, државата продолжува по патот на развојот и напредокот во интерес на сите граѓани“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.