Македонија
Коста Петров нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој
Потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, е именуван за нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој доаѓа на местото на Јован Деспотовски, кој беше на чело на Фондот три години.
Петров на „Фејсбук“ објави дека ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.
По 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на „Пи ворлд“, време е за…
Posted by Kosta Petrov on Tuesday, November 10, 2020
„Иновациите и развојот на технологиите мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација. ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развој на македонската економија. Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите, со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании.
Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап-заедница, со новиот бран македонски иноватори, да ја позиционираме Македонија како регионален стартап-хаб во регионот.
Македонија има многу потенцијал, има многу паметни и мотивирани млади луѓе. Ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме и да им помогнеме да ги реализираат своите цели. За крај, сакам да им заблагодарам на премиерот Зоран Заев за дадената доверба и на сите мои колеги што ме поддржуваа. Нè чека многу работа и многу храбри чекори! Знам дека можеме!“, напиша Петров.
Тој претходно беше и портпарол на Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура до 6 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.

