Македонија
Костовски: Мега проект во општина Бутел, потпишан договор за нова модерна поликлиника
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, преку објава на социјалните мрежи извести дека е потпишан договор за нова ултра модерна поликлиника во општината.
„Денес во просториите на Министерството за здравство заедно со министерот Азир Алиу го потпишавме договорот за спроведување на групна набавка за изградба на нова поликлиника во општина Бутел.
Ви ветив и ќе остварам! Носител на овој мега проект е општина Бутел, додека Министерството за здравство партнерски ќе учествува во истиот.
Историски миг за граѓаните на општина Бутел. Би сакал да му се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски кој стои зад овој мега проект.
Процесот започна со внимателно проектирање и дизајнирање на новата пликлиника. Здравствените центри мора да исполнуваат строги регулаторни и безбедносни стандарди.
Добиваме нова поликлиника која ќе овозможи подобро услови за давање на здравствена заштита.
На граѓаните на општина Бутел ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.
Деталниот урбанистички план кој го донесовме, маркицата за новата поликлиника ја предвидува на местото на старата амбуланта.
Со изградба започнуваме наскоро и со цело срце го чекам денот кога ќе удриме камен темелник на новата поликлиника. Историски чекори за нашата Општина!“, напиша Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

