Македонија
Костовски му одговори на Геровски
Господине Героски,
Со внимание ги читав вашите текстови посветени на Еуростандард банка и кон мене како личност.
Ја имате мојата нескриена почит како новинар и главен уредник, а вашето CV е навистина импресивно на тој план.
Вашата дејност е новинар, посебно истражувачкото новинарство ви е главен адут. Објавениот извештај е направен од консултантската куќа Р.У.Р предводена од еминентниот Драго Кос, познат и докажан борец во борбата против криминалот вклучително и во банкарскиот сектор.
Јас во изработениот и објавен извештај немав никакви лични сугестии со кои би требало да се скријам зад параванот на овој извештај.
Ме чуди, во целава консталација на овој фактографски извештај, свртувате внимание исклучиво на мене, а суштински се работи за многу поголем проблем кој може да предизвика вистински и мошне сериозни последици по цела Република Македонија.
Еуростандард банка била само алка во тој систем кој и денес функционира, а тој систем стручно беше објаснет од страна на господинот Драго Кос.
Не ви го разбирам поривот, наместо да се зафатите со истражувачко новинарство, токму за споменатите 7 банки во извештајот, кои не ги споменав јас, туку господинот Драго Кос, се вртите кон мене. Во извештајот се препознава дека не барав експертот да ме штити мене или мојата Еуростандард банка, бидејќи ние сме колатерала.
Те упатувам директно, за подетални информации, да му се обратиш токму на господинот Драго Кос. Ме зачудува твојата изјава дадена со леснотија со која зафаќаш страна на Народна банка вмешана во овој мега-скандал во банкарскиот систем.
Сакам да те потсетам дека институцијата Народна банка треба да го штити и одржува банкарскиот систем, а не како во случајов полни две децении да прогледува низ прсти на т.н. тајкуни во банкарскиот систем на Македонија.
Јас сум свесен за можните последиците врз мене, после објавувањето на овој извештај, бидејќи севкупниот систем кој функционира во Македонија е комплетно контролиран од сивите еминенции кои денес владеат во Македонија.
Во нормална правна држава јас ќе бидам награден и обештетен, не само во банката туку и за останатиот имот во Македонија, токму поради фактот што сакав да му ставам крај на незаконскиот систем, кој со години наназад бил практикуван во мојата банка БЕЗ МОЕ ЗНАЕЊЕ . Оној момент кога дознав, го
сменив стариот Управен одбор кој беше лиценциран од Народна банка со право да ја води банката. Да биде појасно, лиценците на Управните одбори, Надзорните одбори и директорите на секторите на банка, ги издава Народна банка.
Стариот Управен одбор не се соочи со одземање на лиценци , бидејќи беше дел од шемите, а Народна банка многу добро знаела дека во банките се практикува недозволен начин на позајмици преку трансакциски сметки на правни и физички лица, многу често без знаење на сопствениците на овие сметки.
Јас кога дознав веднаш именував нов Управен одбор со наредба за излегување од овие шеми и силно прибирање на одлеаните пари. Да ти биде јасно, трагата на парите не може да се скрие. Тоа е клучниот момент кога е донесена одлуката Еуростандард банка да се уништи по секоја цена.
Уште два податоци кои би требало да ти бидат интересни како новинар: Првиот- по светски параметри највисоко рангирана ревизорска куќа Standard @ Poor`s, Македонија бележи пад на квалитетот во банкарскиот систем и тоа, во 2020 година рејтингот на Македонскиот банкарски систем е ББ+, во 2021 година е само ББ, а во оваа 2022 година е ББ-.
Те молам прочитај што значи ова и кој е следниот пад во ова рангирање. Вториот -Македонија е веќе со години меѓу водечките земји по организиран криминал и корупција во светот. Проучи што значи организиран криминал и корупција, бидејќи овој криминал не е на улица, туку се прави со институции и силни играчи во позадина.
На крајот завршувам, секој човек на земјината топка има свои доблести, ама има и слабости и јас не сум исклучок. Водењето на порталот „Плусинфо” врз кој имаш тотална контрола за мене е твој стил на работа.
Во мојот три децениски стаж поминат надвор од Македонија, никојпат не сум се соочил со проблеми со кои се соочив тука во Македонија, напротив институциите во земјите каде што работев ме штитеа мене, мојот имот и мојот бизнис, а овде го доживеав спротивното Моето CV ти е многу добро познато, би било упатно да извлечеш некои заклучоци за мене како личност.
Еуростандард банка е само последната капка што ја прели чашата во моето работење во Македонија. Ти посочувам истражувачко новинарство, приватизацијата на „Градски аптеки” , процес кој бедно се заврши, по мене и за вработените во Градски аптеки.
Имам уште минимум десетици примери и доколку времето ти дозволува те поканувам на средба да ти ги обзнанам и документирам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

