Македонија
Коцевски ги отфрла наводите во интерпелацијата: Функцијата ја вршам чесно и одговорно
Функцијата ја вршам чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, одговори јавниот обвинител Љупчо Коцевски во врска со интерпелацијата што ја поднесоа шест пратеници од политичката партија Левица – Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев.
Според Коцевски, подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност и вели дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент, со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство.
„Функцијата ја вршам чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност. Затоа ќе одговорам детаљно и образложено на сите наводи и во оваа интерпелација, иако нејзиното поднесување во согласност со законот е недозволено и претставува само потврда за неоснованоста на нападите со кои се соочува институцијата со која раководам и кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто. Воопштените и со ништо непоткрепени формулации од типот разноразни афери, низа скандали и хаотична состојба во начинот на функционирањето на Обвинителството, со кои подносителите без никаков аргумент бараат моја одговорност, само го потврдуваат фактот дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент, со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“, вели Коцевски.
Во продолжение интегрално го пренесуваме одговорот на Коцевски:
Затоа ќе одговарам на оние четири точки кои се наведени како клучни причини во интерпелацијата.
I) Селективни кривични истраги за трагдијата во Кочани, кои според напишаното од подносителите „не вклучувале актуелни вмровски носители на високи јавни функции“.
Јавното обвинителство во сите предмети, вклучително и во предметите оформени за одговорност по катастрофалната кочанска трагедија постапува исклучиво врз основа на доказите. Притоа осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ. Постапува спрема сите за кои се обезбедени докази. Постапува и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Постапува и против припадници на Министерството за внатрешни работи, високи полициски функционери, и тоа не во „предистрага“ како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување. Во уште неколку други институции и за други лица продолжуваат и натаму дејствија се додека не ја испитаме целосно линијата на одговорност. Трагедијата во Кочани не погоди сите. Јас лично неколкупати се сретнав со семејствата на починатите, им ги објаснив постапките и тие се веќе уверени дека пристапот што го има Јавното обвинителство за утврдување широка одговорност за оваа трагедија е правилен. Затоа, не само што не се чувствувам одговорен, туку се чувствувам и горд на работата на обвинителскиот тим кој за исклучително кратко време успеа да прибере огромен број докази за целосно утврдување на одговорноста. Очекувам фер и непристрасна судска постапка, во која ќе се докаже дека, имајќи ја предвид исклучително тешката последица, дејствијата на обвинетите целосно го исполнуваат законското битие на кривичното дело – Тешки дела против општата сигурност. И не станува збор, како што се наведува во интерпелацијата за некакво „чопоративно“ обвинување, туку секој од нив си одговара со свои дејствија и постапки со кои дал придонес за трагедијата да се случи.
II) Понатаму, во интерпелацијата се изнесуваат наводи за политичко влијание врз мене директно од страна на премиерот Христијан Мицкоски, како во однос на постапката за кочанската трагедијата, така и воопшто. Односно се тврди дека „е постигнат политички договор“ постапката за мое разрешување да запре во замена за селективност и неправичност на истрагите. Одговорно тврдам дека во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание. Постапката за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација. Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на „договорно мотивирана одлука преку ноќ“, како што се наведува во самата интерпелација. Јас од првиот момент на поднесување на иницијативата за разрешување до денес најодговорно тврдам дека не сум сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. Тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење за иницијативата за мое разрешување.
III) По однос на точката која во интерпелацијата е насловена како „Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје“ и во која повеќе се изнесуваат неточни, непроверени и пренесени информации, отколку реални факти, сакам да го изнесам следното: Токму констатираните состојби во Вишото јавно обвинителство Скопје беа повод да иницирам дисциплинска постапка против шефот на тоа обвинителство и против уште еден јавен обвинител во ВЈО Скопје. Дисциплинската комисија, која е целосно независен орган, таа иницијатива ја прифати едногласно, поведе постапка, ги испитуваше сите докази и повторно едногласно донесе одлука дека двајцата навистина сториле тешка дисциплинска повреда. По однос на одредените санкции не би коментирал, бидејќи одлуката се уште не е правосилна, но факт е дека во прв степен им се изречени најтешките санкции кои за ваква повреда се предвидени во Законот за јавното обвинителство. Каде е тука мојата одговорност? Дали требало да ги одмолчам пропустите и нестручноста со кои преку повлекување жалби и откажување од обвинение е нанесена штета на буџетот? Дали требало да одмолчам за нарушените меѓучовечки односи за кои одговорен бил шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје и за кое против него се води и кривична постапка? Јас избрав да не молчам и директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција. Дека одлуката била исправна потврди и целиот состав на Дисциплинската комисија, а состојбите во Вишото јавно обвинителство Скопје веќе се подобруваат.
IV) Последната точка од интерпелацијата се однесува на наводи за „Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“. По оваа точка би изнел две клучни работи, односно два факти кои во целост ги демантираат изнесените наводи. Првиот е дека, наспроти наведеното, Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави и во Општина Чаир, и во други скопски општини и во други градови во државата. Дел од нив се во предистрага, дел во истрага, за дел е поднесено обвинение, за некои има и судски постапки и одлуки. Јавното обвинителство постапува и ќе продолжи да постапува за секое бесправно градење констатирано и пријавено од надлежните органи и служби. Конкретно, за наводите на скопската градоначалничка, оформени се два предмети по нејзините пријави – едниот во ОЈО Скопје, другиот во ОЈОГОКК. И по двата се постапува во предистражна постапка, во рамките на која се дадени детални наредби на надлежните институции од правосудната полиција да обезбедат докази за проверка на наводите. Тука, би го нагласил и вториот факт, а тоа е употребата, односно повеќе злоупотребата на терминот „допрен глас“, предвиден како можност не само за јавниот обвинител, туку и за другите надлежни институции да оформуваат предмети врз основа на јавно слушнати наводи и информации за сторено кривично дело. Овој инструмент јавното обвинителство го користи во ситуации кога институциите надлежни за откривање на кривичните дела не си ја вршат својата работа и во случаи кога квантумот на јавно објавени информации е доволно голем за да овозможи основано сомнение за извршено кривично дело и сторител. Инаку, секој што во рамките на извршување на своите службени должности дознал дека е извршено кривично дело има законска обврска тоа да го пријави.
Почитувани пратеници,
За крај, оваа интерпелација сумира дека во Јавното обвинителство на РСМ „владее нефункционална и токсична атмосфера“, нешто што може да биде одраз само на субјективна перцепција на подносителите со која не можам да се согласам ниту јас, ниту мнозинството јавни обвинители.
Напротив, и Европската комисија во Извештајот за владеењето на правото во нашата држава констатира напредок во истрагите и поднесените обвиненија за кривични дела од областа на корупцијата, при што особено го наведува упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата што го донесов.
“Јавните обвинителства покажуваат зајакнат капацитет за истражување, подобра меѓуинституционална соработка, а четирите истражни центри сега се во функција”, се наведува во извештајот со кој се скенира состојбата во оваа област, по примерот на сличните извештаи што се изготвуваат за земјите-членки на ЕУ.
Тоа е потврда за резултатите кои ги постигнуваме. Од тие причини, барам да ги отфрлите ваквите наводи со кои целосно неосновано се инсинуира за наводни притисоци врз обвинителството од владејачката политичка партија, за селективност на истрагата за кочанската трагедија, и со кои лично се напаѓа професионалноста и угледот на сите јавни обвинители и мојата професионалност и стручност. Апелирам до вас, преку отфрлање на оваа интерпелација која нема ниту еден законски основ и воопшто не би смеела да биде поднесена, да ја заштитите институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

