Македонија
Коцевски: Дали за профит на некој од власта народот чека во редици на минусни температури за вадење пасоши
Власта не го решава проблемот со пасошите. Граѓаните сè уште на минусни температури во редици чекаат за поднесување барање или подигање на личните документи од пунктовите на МВР, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
„За добивање на каков било личен документ, потребно е да се јавите и да добиете термин преку кол-центарот на МВР. Доколку успеете да ги добиете на телефон, ќе ви закажат термин најрано во наредните 5 месеци отсега за редовна, а за итна постапка нешто порано. Кога граѓаните ќе дојдат на ред и ќе отидат на пунктот, тие веќе пред себе гледаат редица, но и луѓе, кои без да се списокот поминуваат преку ред. Ова е можно затоа што власта на одредени лица преку раководниот кадар во МВР поставен од Спасовски со ургенции им овозможува да го прескокнат редот, но и да се фотографираат за лични документи, без притоа да се на списокот на закажани, а ставањето на списокот се прави на самото место, по ургенциите на раководниот кадар во МВР.
По поднесувањето на барањето, податоците се праќаат на Одделот за информатика, каде што пристигнуваат 3 пати повеќе барања отколку што може да се обработат, а хаосот настанува токму од лицата што со ургенција се ставени на списокот, а не се дел од претходно закажаните преку кол-центарот.
Овој застој на дневно ниво прави притисок како за производство на лични документи така и за нивното издавање.
Со сето ова се зголемува и ризикот од дефект на машините за правење на личните документи, кои се набавени пред 15 години, а знаеме дека Спасовски во изминатите 7 години нема набавено ниту една“, рече Коцевски.
Партијата прашува дали раководните лица во МВР на Спасовски за ова имаат тарифа, која се движи од 20 до 50 евра. Дали за нечиј бизнис граѓаните во ред во нечовечки услови на минусни температури треба да чекаат со часови за да се фотографираат или да подигнат личен документ.
ВМРО-ДПМНЕ предлага пристап во салата со базни станици за земање биометриски податоци да имаат само лицата со закажан термин. Редот да го регулира полициски службеник, реактивирање на СМС-известувањето дека личниот документ е готов и нивна дистрибуција до точно определен шалтер за негово издавање, дисперзија на готовите лични документи во полициските станици, од каде што територијално припаѓа граѓанинот, итна набавка на доволна количина обрасци за издавање лични документи или кривична одговорност за помошник-министерот за општи и заеднички работи бидејќи во меѓувреме свесно реализирал и завршил повеќегодишни јавни набавки за други потреби во МВР, но не и за оваа клучна услуга, која имсе нуди на граѓаните. Понатаму, повторно активирање на дисплеите за тоа кое лице на која базна станица и во колку часот е следно за фотографирање за личен документ.
Санкционирање на сите раководители и службеници што ќе го компромитираат процесот на издавање лични документи (пуштање преку ред, издавање готови документи надвор од постапка, намерно затајување на системот за набавка на обрасци, намерно забавување на информатичкиот систем за производство на лични документи).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

