Македонија
Кој ги штити новинарите, работилница на Google News Lab, истражувачкото новинарство во Германија – темите на 3. ден на ИФФС
„Безбедноста на новинарите во Европа – Кој го штити новинарството“ е тема на дебатата што ќе се одржи денеска во 12.30 часот во Кино Култура, во рамките на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Само во една година се случија повеќе убиства на новинари во Европа, со сомнежи дека мотивите на убиствата може да се бараат токму во нивната работа. Безбедноста на новинарите станува сѐ поголема грижа во многу земји, велат од фестивалот во образложението на дебатата.
Ќе дискутираат: Карло Бонини, новинар на Ла Република, Мет Сарнецки од Проектот за организиран криминал и корупција и Кристина Озимец, претседател на Платформата за истражувачко новинарство и анализи и координатор на ИФФС.

Веднаш по дебатата, гостин на фестивалот ќе биде Ивор Фука, основачот на хрватскиот портал „Лупига“. Тој ќе и сподели на публиката како независните медиуми можат да постигнат успех со кампања за crowd-funding, односно со поддршка на читателите.
Една од најголемите глобални измами „Рајските документи“ на филм ќе биде прикажана во 17 часот во Кино Култура. „Рајски документи: Вистинската приказна позади тајната деветмесечна истрага“ на Ерик Вајнриб ќе овозможат увид во тајната истрага од првиот ден на протекувањето.
Гостинот од Google News Lab, Даниел Жонса во 18.30 часот ќе одржи работилница за новите онлајн-базирани алатки и како да се искористат во новинарството.
„Истражувачкото новинарство во Германија: Предизвици и моментална состојба“ е темата на дискусијата што е закажана за 19.45 часот. Гости се врвни новинари од Германија, земјата која ги има едни од најдобрите истражувачки медиуми во светот. Ќе дискутираат: Анете Довидајт, Оливер Шрем, Фолкер Штајнхоф, а модератор ќе биде Владимир Мирчески.
Со филмот „Убивањето на Павел“ во 21 часот ќе биде затворено второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје.
Филмот е посветен на Павел Шеремет, наградуваниот белоруски новинар кој живееше во Украина, на 20 јули 2016 година беше убиен од автомобил-бомба во Киев.
Интересни и конструктивни дебати се случија вчера на вториот ден на ИФФС. Се дискутираше за тоа владиниот пиар и социјалните медиуми и за тоа до каде е границата за користењето на социјалните медиуми за промоција на владината агенда. Бранко Героски, Бојан Кордалов, Божидар Божиновски, Васко Малгешов и Марјан Забрчанец ги споделија своите мислења на темата. Дебатата предизвика и бројни прашања од публиката.

Голем интерес покажа публиката и за дебатата на тема „Истражувачкото новинарство во Македонија – предизвици и како понатаму“. За ова новинарство треба пари и време, се согласија учесниците – Васко Попетрески, Александра Денковска, Фуркан Салиу, Елiда Зулбеари и Петар Клинчарски.
Истражувачкото новинарство треба да се изучува уште на факултет, меинтрим-медиумите да го сфатат сериозно и да вложуваат, новинарите меѓу себе да се инспирираат кога еден медиум ќе започне приказна, други да ја продолжат, а пред сѐ, да постои солидарност во професијата, тоа беа дел од заклучоците на дебатата.
Гостин на вториот ден беше Карло Бонини, кој го претстави неговиот филм „Дафне: Егзекуцијата“. Тој ја импресионираше публиката со неговиот филм за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција и сподели како е работен филмот. Два македонски документарци беа прикажани – „Случајот Дрисла: Не смрди само ѓубрето“ и „Водомила“.
Истражувачкиот филмски фестивал Скопје го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА, во соработка со ФЕС – Скопје. Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците: www.pina.mk и www.iffs.mk, како и на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

