Македонија
„Кој е следен“ на протест во 18 часот пред Влада
Иницијативата „Кој е следен“ за денеска во 18 часот најави протест пред Владата.
„Системот заборава – но, ние не забораваме. Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да нè исплашат, секоја неправда со која сакаат да нè замолчат. Тоа што нѐ напаѓаат, значи дека нѐ слушаат и ни потврдуваат дека ја зборуваме вистината, а вистината ги вознемирува само оние што профитираат од нашето секојдневно страдање“, се вели во најавата.
Два месеци бараме промени, велат од иницијативата, но ништо не се менува.
„По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки. Во изминатите два месеци, ние покажавме дека сме гласот на сите што беа понижени, игнорирани и обесправени во овие 35 години. Затоа, ако си работник што гине на работно место без основни работни услови, мајка што не спие додека детето не се врати дома, младо лице што заминува затоа што нема за што да остане, студент што плаќа за „бесплатно“ образование, доктор што работи со скршена опрема, учител кој е оставен сам на себе, пензионер што одвај преживува, ако си граѓанин на кој системот му го одземал достоинството – ова е твојот повик. Системот што требаше да нè заштити, нѐ остава да умираме. Пратениците кои треба да нѐ претставуваат, нѐ оставија да се претставуваме сами, судиите кои треба да донесат правда, ја одложуваат додека таа не стане бесмислена. Време е да се разбудиме. Време е да го промениме системот. Ова не е марш на ,,Кој е следен?”. Ова е повик за здружување, против заедничкиот непријател, системот кој сака да заборавиме. Но, ние не забораваме. Ние паметиме. И затоа, не заминуваме. Не се повлекуваме. Излегуваме на улица. Повторно. Погласно. Појасно. СИСТЕМОТ Е СЛЕДЕН!“, пишува во најавата за протестот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

