Македонија
Кој ја дестабилизира државата, прашува ДУИ
„Во одговор на последните изјави кои ја адресираат ДУИ како фактор на дестабилизација, загрижувачка е леснотијата во користењето на разделувачката реторика и обвинувањата кои во реалноста го удираат мултиетничкиот карактер и еднаквоста во нашата земја“, велат од ДУИ.
„Затоа, поставуваме неколку прашања за да ја осветлиме вистината:
Кој ја дестабилизира државата? Тие што велат “да ја вратиме земјата на Македонците” или тие што го бранат мултиетничкиот карактер и еднаквоста?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што ја потиснуваат волјата на над 40% од етничките заедници во мултиетничка земја или тие што промовираат еднаква и функционална демократија?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што ја исклучуваат дијаспората од политичките и финансиските пресметки, иако таа дијаспора ја одржува финансиската стабилност на земјата, плаќа даноци и е најголемиот амбасадор на оваа земја?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што му наредуваат на Уставниот суд да го отстрани срцето на Охридскиот договор – правото на етничко самоидентификување – или тие што го почитуваат тоа право за сите граѓани?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што ги поништуваат механизмите кои интегрираа еден цел народ во институциите на унитарната држава, наместо да создаваат паралелни институции, или тие што градат еднаква држава и општество?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што се обидуваат да го избришат и поништат најсветото, албанскиот јазик, или тие што го официјализираа албанскиот јазик во земјата, а македонскиот во Европската унија?
Кој ја дестабилизира државата? Тие што со децении ја блокираа интеграцијата во НАТО или тие што ја интегрираа државата во НАТО? Тие што го блокираа патот кон Европската унија или тие што ги отворија пристапните преговори и го одржаа првиот меѓувладин состанок?
ДУИ останува посветена на заштита на еднаквоста, мултиетничкиот карактер и Охридскиот договор како основа за мирот и стабилноста.
Ги повикуваме сите да размислат за овие прашања и да преземат дејствија кои промовираат единство и еднаквост, наместо поделби кои ја загрозуваат заедничката иднина на сите граѓани во оваа земја“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за правда во Владата на СДСМ, Бојан Маричиќ, е избран за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Собранието денес со 83 гласа „за“ ги избра членовите на новиот состав на Државната изборна комисија. За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Маричиќ доаѓа на местото на Борис Кондарко, кој, исто така, беше предлог на СДСМ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.
Македонија
Перински: Рамномерниот регионален развој започнува од малите општини и таму инвестициите најмногу се чувствуваат
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински ја посети Општина Лозово. Во текот на посетата Перински оствари средба со градоначалникот Бошко Цветковски и членовите на Советот на општината, на која се разговараше за клучните активности на министерството, можностите што им стојат на располагање на општините, како и за конкретните потреби и развојни планови на Општина Лозово, насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Министерот нагласи дека неговата цел, како што се покажа и изминатиот период, е да биде присутен на терен и директно да ги слушне потребите на општините. На средбата стана збор и за воспоставениот Ресурсен центар, преку кој општините може да обезбедат поддршка за полесно и поефикасно водење на клучните процеси.
Во рамки на посетата беше извршен и увид на два проекти:
„Реконструкција и партерно уредување на КП бр. 2411 во населено место Лозово“ и „Реконструкција и партерно уредување на КП бр. 2055 во населено место Лозово“, кои се финансирани преку Програмата за намалување на диспаритетите и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година. Вкупната вредност на проектите изнесува 6.171.976 денари.
Преку овие проекти, граѓаните на Општина Лозово добија ново детско игралиште, современо осветлување, урбана опрема и партерно уреден јавен простор пред општинската зграда, со што се добива нов простор за дружење и секојдневни активности, велат од министерството.
Македонија
(Видео) Манасиевски: ССМ и Слободан Трендафилов одбиле 40% покачување на платите во следните 2 години на штета на работниците
Синдикалецот на батерии Слободан Трендафилов со плата 3-4 пати поголема од минималната која ја добива благодарејќи на работниците кои членуваат во неговите синдикати, им го сврте грбот и не прифати зголемување на платите во администрацијата за 40% во следните 2 години, обвини Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободан Трендафилов кој е многу гласен кога СДС е во опозиција, а тивок кога тие беа на власт, го одбил предлогот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите на административните службеници за 40% во следните две години. Зошто? Само затоа што не сакал да го потпише новиот колективен договор. Трендафилов ги остави работниците на цедило и без повисоки плати, затоа што е политички заробеник од страна на СДС. Договорот што тој лично заедно со минатата министерка за труд и социјална политика, а сегашна потпретседателка на СДС, Јованка Тренчевска го потпишал е истечен, а со тоа се отвора можност за нов колективен договор, за кој Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ предлага административните службеници да добијат 40% повисоки плати за 2 години. Ова ССМ и Слободан Трендафилов и УПОЗ на чело со Трпе Деаноски го одбиваат“, рече Манасиевски.
Според него, отворената поддршка која ССМ ја добива од Левица и од СДС, јасно говори кој седи позади овој организиран денешен протест.

