Македонија
Краткотраен дожд и грмежи во планинските предели

Попладнево во западните планински предели имаше изолирана појава на краткотраен дожд и грмежи. До крајот на денот ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Во западните планински предели ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и грмежи. Во текот на ноќта времето ќе биде ведро со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Максималните температури достигаа до 35 степени во Демир Капија и 34 степени во Гевгелија, Скопје Зајчев Рид, Тетово и Штип, 3 додека најсвежо е во Лазарополе – 25 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Центар е прва општина што обезбеди нега на стари лица во домашни услови

Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, денеска се сретна со возрасните центарци од пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“ кадешто разговараа за нивните секојдневни предизвици, потреби и идеи за подобрување на условите за пензионерите во општината.
Герасимовски, информираше дека за неговиот четиригодишен мандат ги исполнил ветувањата и барањата на пензионерите.
„Во првата година од мандатот, отворивме три нови пензионески клуба и заеднички со пензионерите почнавме да имплементираме нови проекти и да организираме активности. Ние сме првата општина што обезбедивме нега на стари лица во домашни услови, а со новата услуга „Итно копче“ на пензионерите им обезбедуваме помош во итни ситуации, во домашни услови. Во изминатите три години, повеќе од 3.500 пензионери добија еднократна парична помош, а вкупно беа доделени над 10 милиони денари, со што значително се подобри нивниот квалитет на живот. Нашите пензионери се важен дел од заедницата, и затоа е клучно да ги слушнеме нивните предлози и идеи. Продолжуваме да работиме на проекти што ќе им овозможат поголема социјална вклученост, подобри услови во пензионерските клубови и поквалитетен секојдневен живот. Животот е убав во секоја доба“, изјави Герасимовски.
Општина Центар останува посветена на поддршката на своите највозрасни сограѓани, со цел да обезбеди активна и сигурна старост за сите.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги потпиша указите за отповикување на девет амбасадори од должноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги потпиша указите со кои се отповикуваат осум амбасадори од должноста бидејќи заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието, известуваат од кабинетот на претседателката.
Амбасадорите коишто се именуваат законски се обврзани пред да бидат назначени да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика, а осуммина од деветте отповикани не го направиле тоа. Една амбасадорка се отповикува во редовна постапка поради завршување на мандатот, се додава во соопштението.
Во согласност со донесените укази, се отповикуваат:
– Јакуп Реџепи од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина, со седиште во Сараево;
– Џенк Сејфула од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Шведска, со седиште во Стокхолм;
– Методија Белевски од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Белгија и од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор за Големото Војводство Луксембург, со седиште во Брисел;
– Агнеза Руси Поповска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Бугарија, со седиште во Софија;
– Емил Крстески од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага;
– Пајо Авировиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена;
– Зеќир Рамчиловиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Црна Гора, со седиште во Подгорица; и
– Катерина Ставреска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон.
Исто така, претседателката Сиљановска-Давкова донесе Указ за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, поради завршување на мандатот.
Во согласност со донесените укази, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.
Македонија
Ќе се воспостави ли повторно лет од Скопје до Прага – директорот на ТАВ ја отвори темата во Чешка

На работилницата насловена „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ што се одржа утринава, 10-ти март, во Прага, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, пред најистакнатите чешки туристички агенции и туроператори го презентираше туристичкиот потенцијал на Македонија и улогата на македонските аеродроми во туристичката индустрија.
На покана на чешкиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Јарослав Лудва и извршниот директор на аеродромот во Прага, Јири Пос, Курт во Прага ја отвори темата за повторно воспоставување на авиолинијата меѓу двата главни града Скопје и Прага, нагласувајќи дека сите чинители во воздухопловството, туристичката индустрија и дипломатијата мора да работат заедно за да се создаде побарувачка за авиокомпанија која ќе ги најде своите деловни причини да ја воведе оваа директна авиолинија.
„Покрај капиталните инвестиции што ги направивме за модернизирање на македонските аеродроми, во исто време низ годините вложивме многу напори да ги пласираме не само двата македонски аеродроми, туку и Македонија како туристичка дестинација на многу странски туроператори и авиокомпании. Ова значи колку авиокомпании за првпат воведоа нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Ние навистина веруваме во туристичкиот потенцијал на Македонија, затоа целосно се вклучуваме во промоцијата, на секој саем за воздухопловство и туризам каде ТАВ Аеродроми е учесник, на сите воздухопловни конференции каде што можеме да се сретнеме со клучните лица од авиокомпаниите и туроператорите. Се надевам дека ќе ја откриете Македонија како нова опција за патување за чешките граѓани и уверен сум дека денес ќе започнеме нови партнерства со некои од вас кои ќе бидат заинтересирани за нашиот пазар. Ајде да работиме заедно и да создадеме побарувачка за директна авионска врска меѓу Скопје и Прага, што може да доведе до повторно воспоставување на директната авиолинија меѓу двата главни града од страна на авиокомпанија која ќе најде деловни причини да ја воведе.“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Работилницата на аеродромот во Прага, насловена „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ ги собра најистакнатите туристички агенции и туроператори од Република Чешка, кои беа запознаени со потенцијалот на Македонија и со можностите за патување на чешките туристи.
ТАВ Македонија ги претстави убавините на земјата и потенцијалот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид да опслужуваат директни летови од Прага до Скопје и Охрид.
Како продолжение на денешната работилница во Прага, ТАВ Македонија во Скопје ќе организира работилница со македонските туристички агенции за чешките туроператори на која двете страни ќе можат да имаат Б2Б состаноци, со крајна цел – летови меѓу двата главни града.