Македонија
Кривична пријава за поранешното раководство на Град Скопје поради веб-страница платена 75.000 евра
Претходното раководство на Градот Скопје платило сума од над 75.000 евра за изработка на официјален веб портал на градот кој никогаш не профункционирал во целост, односно градот платил поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено, изјави Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.
Тој нагласи дека Град Скопје ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во градската адиминистрација.
„Против поранешниот генерален секретар на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ, поранешниот помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалникот, Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура, Никола Трајковски, како и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалникот, Влатко Васиљ“, посочи Апостолоски.
Тој објасни дека пријавените Никола Трајковски, Ваљон Салиху и Викторија Аврамовска Мадиќ искористувајќи ја својата службена положба потпишале и одобриле исплата на вкупната вредност на договорот во износ од 4.717.640 денари или над 75.000 евра за услуга која не е целосно извршена и испорачана на Град Скопје согласно договорот, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Град Скопје.
„Не е извршена целосна миграција на податоци од постојната веб страна на Град Скопје и не е предаден порталот, за што пријавените со свои потписи потврдиле дека се извршени и предадени поединечните фази од наведениот проект, иако знаеле дека истите не се испорачани и иако им било познато дека договорот не е во целост реализиран“, кажа советникот за односи со јавност во Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

