Македонија
Кривична пријава против ексградоначалникот на Демир Капија, претседателот на Советот на Општината и уште две други лица
Четири лица, меѓу кои се и ексградоначалникот на Демир Капија, како и претседателот на Советот на Општината, заработија кривична пријава поради злоупотреба на службената должност и овластувањето бидејќи со незаконски дејства сториле кривични дела со кои е предизвикана штета на буџетот на Општината во износ од 15.456.106 денари.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Демир Капија, 61-годишниот Трајче Димитриев, кој во својство на градоначалник на општината ја злоупотребил службената положба и овластувањето, потпомогнат од 48-годишниот Т.П. во својство на овластен проценител и 60-годишниот П.М. во својство на претседател на Советот на Општината Демир Капија, како и од М.Ј. на возраст од 65 години во својство на поттикнувач, односно лице што стекнало противправна имотна корист поради постоење основи на сомнение дека пријавените сториле неколку кривични дела, соопшти Финансиската полиција.
Имено, како што информираа од Финансиската полиција, во март 2012 година бил склучен грант договор помеѓу Делегацијата на Европската Унија во Скопје и градоначалникот на општина Демир Капија, Димитриев, кој се однесувал на имплементација на проектот „Центар за едукација и вмрежување во туризмот – ЦЕНЕТ“ во вредност од 262.366 евра. За инвестиција во инфраструктурата, односно реконструкција на стара училишна зграда, која била во сопственост од една половина на Општина Демир Капија и една половина во сопственост на четвртопријавената М.Ј., инвестирани биле парични средства во висина од 11.247.184 денари, од кои од грант-договор во износ од 101.230 евра, како и дополнително обезбедени парични средства од буџетот на Општина Демир Капија во износ од 5.021.539 денари, додаваат во соопштението од Финансиската полиција.
„Првопријавениот Т.Д. од Демир Капија во својство на градоначалник, потпомогнат од второпријавениот Т.П. и третопријавениот П.М. и поттикнат од четвртопријавената М.Ј., во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластувањето на начин што на четвртопријавената М.Ј. ѝ продал објект и земјиште на КП бр. 4082/2 во ½, сопственост на Демир Капија, за 1.667.000 денари, кој e десет пати помал од реалната пазарна цена, односно не ја зел предвид и претходно инвестираната реконструкција од Општината на објектот во износ од 11.247.184 денари, со што ѝ овозможил на четвртопријавената М.Ј. да стекне противправна имотна корист на штета на буџетот на Општина Демир Капија. Првопријавениот Т.Д. на 12. 6. 2013 година склучил договор за продажба на недвижност – ½ зграда од 800 м2, сопственост на Општина Демир Капија како продавач, и М.Ј. од Кавадарци како купувач, во вредност од 1.667.000 денари, износ што првопријавениот преку својата лична трансакциска сметка ѝ го префрлил на четвртопријавената за да може таа да го купи објектот. Исто така, првопријавениот од својата лична трансакциска сметка и по извршената продажба, во име и за сметка на четвртопријавената М.Ј. префрлил парични средства во износ од 4.493.000 денари за реконструкцијата на објектот, односно го финансирал довршувањето на објектот“, стои во соопштението на Финансиската полиција.
Реконструираниот објект, додаваат оттаму, бил наменет за сместување на Фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – ЦЕНЕТ, основана од страна на Општината, каде што дополнително се инвестирани парични средства во висина од 68.437,76 евра за информатичка и компјутерска опрема, опрема за преведување, мебел, кујни и друга опрема, како и за други трошоци за организирање обуки. Исто така, од Финансиската полиција посочуваат дека првопријавениот, односно ексградоначалникот на Демир Капија, ја злоупотребил службената положба во текот на април 2017 година, потпомогнат од претседателот на Советот на Општина Демир Капија на начин што без надомест ја отстапил Фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – ЦЕНЕТ (сопственост на Општина Демир Капија), каде што претходно од страна на Општина Демир Капија се вложени парични средства од грант-договорот во висина од 4.208.922 денара на свој близок роднина на кој начин му овозможил да стекне противправна имотна корист на штета на буџетот на Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.