Македонија
Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица за јавна набавка на електрични автобуси
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси.
Од МВР информираат дека биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(35) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, против Д.П.С.(61) од Струмица, К.Б.(37) од Богданци, Л.Ј.(63) од село Ново Село, струмичко и Л.Ѓ.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против Г.П.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека помогнал во извршувањето на кривичните дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „несовесно работење во службата“.
Пријавениот К.К., во својство на поранешен градоначалник на општина Струмица, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“ од Струмица со ангажирање на пријавениот Г.П. како одговорно лице задолжено за одговори на технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементацијата и целосна реализација на договорот, иако тој не ги поседувал потребните стручни квалификации и потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери.
Исто така, пријавениот К.К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г.П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси.
Пријавениот Д.П.С., во својство на директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, постапил несовесно и пропуштил должен надзор над целокупната постапка и имплементација на јавната набавка, при што на 12.03.2024 го потпишал Договорот за јавна набавка на 10 нови електрични автобуси преку финансиски лизинг, во која постапка учествувало лице кое ги немало потребните стручни квалификации и потребната лиценца за надзор од областа на електротехниката.
Пријавената К.Б., во својство на претседател на комисијата за јавни набавки при ЈСП „Струмица-Транспорт“, заедно со пријавените Л.Ј. и Л.Ѓ., во својство на членови на комисијата за јавни набавки, во тендерската документација за отворената постапка за јавна набавка на електрични автобуси за јавен превоз преку финансиски лизинг за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“, како одговорно лице задолжено за следење на реализацијата на договорот го определиле пријавениот Г.П., кој бил носител само на лиценца Б за надзор од областа на електротехниката, не бил квалификуван за тие работни задачи во предметната јавна набавка, немал ниту право да одговара на технички прашања, да учествува во техничката евалуацијата на понудите, да врши надзор над имплементацијата и целосната реализација на договорот.
„Со наведените дејствија биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери, а со отсуството на лице со неопходните стручни квалификации и со потребната лиценца А за надзор од областа на електротехниката доведени се во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации на набавените електрични автобуси“, се наведува во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

