Македонија
Кривична против поранешниот градоначалник на Демир Капија поради незаконски дозволи за сеча на дрво
Поднесена е кривична пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев, за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со незаконски дозволи за сеча на дрво.
„На 29.09.2017 година пријавениот, како градоначалник на Демир Капија, за време на предизборна кампања за локални избори 2017 година, спротивно на одредбите од Изборен законик, донел решение во кое ја одобрил нелегалната одлука на советот на Општина Демир Капија, за одобрување на финансиски средства за покривање трошоци за добивање дозволи за сеча на огревно дрво на 20 социјално најзагрозени семејства од село Дрен. Потоа на 10.10.2017 и 13.10.2017 година пријавениот на сметката на ЈП ‘Македонски шуми’ префрлил вкупно 110.000 денари за добивање дозволи за сеча на огревно дрво, а по преземени мерки, од страна на полициски службеници било утврдено и дека лицата за кои биле наменети паричните средства не се лица во социјален ризик“, соопшти МВР.
Пријавениот на тој начин го оштетил буџетот на општината за 110.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

