Македонија
Кривични против управители на неколку фирми поради перење пари
Полицијата соопшти дека поднеле кривична пријава против Д.Б.(46) од Скопје, Т.Б.(50) од Скопје и С.Д.(68) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“, против Ж.Ѓ.(51) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,помагање“ во врска со ,,перење пари и други приноси од казниво дело“ и против „Дејо Интернационал” ДООЕЛ Скопје, „Мастерлине Интернационал” ДОО Скопје и „Темевикс – Инг” ДОО Скопје.
На 10 декември во 2014 година првопријавениот – како сопственик и управител на петтопријавеното правно лице, изготвил лажна фактура со износ од 1.814.250 денари со вклучен данок на додадена вредност од 276.750 денари за укоричување на рекламен материјал на шестопријавеното правно лице. После тоа, второпријавениот – управител на шестопријавеното правно лице, извршил уплата на наведениот износ на петтопријавеното правно лице. Потоа, првопријавениот наведениот паричен износ го пренасочил на трансакциската сметка на третопријавениот, кој пак го повлекол во готово од неговата трансакциска сметка. После тоа, четвртопријавениот – основач и управител на шестопријавеното правно лице, изготвил лажна фактура на износ од 1.749.190 денари со вклучен данок на додадена вредност од 266.826 денари за испорака на пластифициран лим на петтопријавеното правно лице, која првопријавениот ја употребил за пребивање на данок на додадена вредност од наплатената фактура од шестопријавеното правно лице. Со ова, како што велат од МВР, второпријавениот преку поврат на данок на додена вредност се стекнал со противправна имотна корист од 276.750 денари на штета на Буџетот на Република Македонија, додека првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 1.814.250 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

