Македонија
Криминал со употребувани возила и глисери – штетата е 635 илјади денари, вмешан и царински службеник
Поднесени се уште шест кривични пријави за девет лица до Основното јавно обвинителство заради вршење криминални дела со употребувани возила, при што е нанесена директна штета врз Буџетот од 635.827 денари.
„Во еден случај вмешан е и царински службеник за кој е изготвено отказно решение. Случаите се дел од предкривичните постапки на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за криминални дела со употребувани возила за кои извести пред јавноста изминатиот месец“, информиораа од Царинската управа.
Во предкривичните постапки инспекторите уште во еден случај утврдија најгрубо кршење на законските прописи при што возач, увозник и царински службеник се сомничат за внес на товарно моторно возило во државата при што за истото е избегнато плаќање увозни давачки со што е нанесена директна штета врз Буџетот од 256 илјади денари. Во овој случај возилото е одземено, а против сторителите е поднесена кривична пријава и тоа по два основи, кривично дело царинска измама и кривично дело фалсификување исправи. Против царинскиот службеник е изготвено отказно решение.
Кривична пријава заради царинска измама и фалсификување исправа е поднесена и до правно и одговорно лице на фирма за сторено кривично дело царинска измама и фалсификување исправа. Во овој случај станува збор за кривични дела заради плаќање пониски увозни давачки. Сторителите при увоз на товарно моторно возило при царинење на возилото поднеле фалсификувана исправа за преференцијално потекло на стоката со цел истата да биде ослободена од плаќање царина. Ова е утврдено по извршена верификација на приложениот доказ за потекло на стоката со царински орган на земја членка на ЕУ, по што изготвено е решение со кое увозникот се задолжува да плати износ од 236.241 денар.
Во останатите четири случаи Секторот за контрола и истраги поднесе кривични пријави за четири лица заради основано сомнение фалсификување исправи со цел плаќање помали увозни давачки при увоз на глисери и возило со што е нанесена директна штета врз Буџетот во висина од 143.453 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“
Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред Влада на РСМ на булеварот „Илинден“, десно по булеварот „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улицата „11-ти Октомври“ до пред Собрание на РСМ и лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“
Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на Резолуцијата во име на Мониторинг комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од политичката група на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, соопшти Собранието.
Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Мониторинг комисијата или долгото име: Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија. Односно, постои координиран пристап во мониторинг механизмите како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венецијанската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава.
Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на Делегацијата на Собранието. Иванка Василевска ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврна на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. На крајот нагласи дека изгласувањето на резолуцијата е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и нејзината континуирана посветеност на реформите.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг дијалогот за Северна Македонија како значаен успех не само за државата, туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Ќоку нагласи дека Северна Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Своето обраќање го заврши со поздравување на резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.
Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека оваа резолуција со која се затвора процес по 25 години е резолуција за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, дека ја отсликува состојбата, но и желбата на граѓаните да бидат дел од Европската Унија. Таа кажа дека се надева дека со усвојувањето на оваа резолуција, сите политичари во државата, особено власта, добиваат јасен знак дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и тоа треба да се случи час поскоро.
Македонија
„Трендафилов, Деаноски и Пешевски ги оштетија работниците за 600 евра минимална плата во 2028 поради политичките игри со СДС и Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Одлуките на ССМ на чело со Слободан Трендафилов го спречија растот на платите за 40% во следните 2 години на штета на работниците или раст од над 10.000 денари за само две години од денес. Слободан Трендафилов како прв синдикалец не застана во одбрана на работниците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ понуди конкретно и јасно решение, 40% зголемување на платите на административните службеници во следните две години преку нов колективен договор, ССМ и Слободан Трендафилов одбија да го прифатат предлогот, оставајќи ги работниците без повисоки примања.
ССМ предводен од Слободан Трендафилов и гранковиот синдикат УПОЗ, предводен од Трпе Деаноски го одбиле предлогот од Владата каде минималната плата ќе изнесувала минимум 36.000 денари за административните службеници во 2028 година.
Поради политичките игри на Слободан Трендафилов, Трпе Деаноски и Иван Пешевски работниците се оштетени за 600 евра минимална плата во 2028 година. Ова е доказ дека ССМ го става политичкиот интерес пред интересот на работниците.
Иван Пешевски додека се претставува како загрижен синдикалец дебело профитира заедно со Трендафилов.
Додека глумат загрижени синдикалци платата на Пешевски е 3 пати поголема од минималната.
Поддршката од СДС и Левица ја покажува вистинската агенда на ССМ каде што ги ставаат политичките интереси пред интересите на работниците.
Наместо да ги застапуваат граѓаните, синдикатите предводени од Трендафилов и Деаноски ја жртвуваат минималната плата за да ги следат политичките мотиви и политичката линија на СДС и Левица.
Работниците заслужуваат синдикати што ги штитат работничките интереси а не што ги продаваат за политички интереси на поединци.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи во интерес на работниците и сите граѓани, за повисоки плати и подобар животен стандард“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

