Македонија
Кристијан Стаменов нов в.д директор на Зоолошката градина Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го назначи Кристијан Стаменов за нов в.д. директор на ЈУ „Зоолошка градина“ на Град Скопје, откако претходниот директор Ѓорги Галетановски си поднесе оставка од оваа функција.
Стаменов од 2011 година е вработен во Зоолошката градина во Скопје на работна позиција самостоен ЗОО-негувател.
Стаменов е дипломиран економист од областа на маркетинг менаџмент.
Покрај Стаменов, Тина Мицковска досега задолжена за односи со јавност на Зоолошката градина во Скопје, од денеска е прв соработник и заменичка на новиот директор на ЗОО.
Главни проекти на кои ќе се насочи новото раководство на Зоолошката градина во Скопје се ревитализирање на сите надворешни живеалишта, изведба на центар за хипорехабилитација на местото на градскиот пајтон, ставање во функција на мултинаменскиот центар со цел едукација на деца од претшколска и школска возраст, како и изградба на детски парк.
Зоолошката градина во Скопје во соработка со Град Скопје ќе работи и на поставување на обновливи извори на енергија на сите објекти во зоолошката градина
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.