Македонија
Крмов: Донесување посебен закон и финансирање државни центри за лица со попреченост

Денес во Штип, пратеникот од Левица и носител на листа од ИЕ3, Борислав Крмов, оствари средби со претставници и членови на неколку здруженија на лица со попреченост.
„Целта е да ја претставиме програмата на Левица за претстојните Парламентарни избори, 2024. Нашата Програма и од меѓународниот фактор е оценета како најинклузивна социјална програма. Бидејќи зборуваме поопширно за лицата со попреченост, ние имаме во Програмата: донесување на посебен закон; финансирање на државни центри за лицата со попреченост; зголемување на фондот на техничари, на луѓе коишто помагаат во домовите; пристапни рампи секаде – сè во интерес на подобрување на нивниот квалитет на живот“, истакна пратеникот Крмов.
Претставниците на здруженијата ја поздравија Програмата на Левица.
„Мило ми е што се среќавам со пратеникот Крмов и со членови на Партијата Левица. Се надевам дека ќе оствариме добра соработка во иднина и верувам дека сите наши идеи, планови, размислувања, предлози, ќе бидат преточени во закон во Парламентот, со поддршка на пратениците од Левица“, истакна на денешната средба, претседателот на Здружението на слепи лица, Драги Витанов.
Во текот на денешниот ден, пратеникот Крмов оствари средба и со претседателот на Здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Азизи: Одобрени 829 проекти од околу 15 милијарди денари за патишта, училишта, градинки

На 88 седница на Владата која се одржа вчера, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставија предлог одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.
Оваа потпрограма, како што објаснија од владините служби, претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства:
Министерство за транспорт и врски – над 8 милијарди денари
Министерство за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари
Министерство за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари
Министерство за култура – 622 милиони денари
Министерство за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари
Министерство за спорт – 544 милиони денари
Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата“..
Во рамки на првиот јавен повик, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација, соопштија од Владата.
Македонија
Минчев: Јавната администрација повеќе не смее да биде заштитена зона за привилегирани поединци

По повод една година од формирањето на Министерството за јавна администрација, министерот Готан Минчев презентираше преглед на клучните резултати и реформски потези што, како што потенцираше ја поставија основата на новата култура на управување во јавниот сектор.
Минчев истакна дека преку политичка волја, транспарентност и вложување во човечкиот капитал, министерството спровело системски промени насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на администрацијата. Овие чекори, како што нагласи, претставуваат почеток на една нова ера во која јавната администрација која станува вистински сервис на граѓаните, а не привилегија за поединци
-Формирањето на Министерството за јавна администрација не беше бирократски потег. Тоа беше политичка порака. Порака дека веќе нема место за партиски вработувања, за нефункционални институции, за тајни договори и за неучење, изјави Минчев, нагласувајќи дека јавната администрација повеќе не смее да биде „заштитена зона за привилегирани поединци“, туку сервис на граѓаните.
Од клучните преземени мерки тој ги издвои корекцијата на Балансерот, односно методологијата за пресметка на етничката застапеност во јавниот сектор.
-Пресметката ја усогласивме согласно тогашниот актуелен Закон, врз база на реалната резидентна популација, а не по дотогашната пресметка на нерезидентно население, објасни Минчев.
Министерот најави дека законските решенија кои произлегле од јавните консултации се веќе во завршна фаза во Собранието.
-Ги поставивме темелите на таа нова култура. Македонија е решена да стане модерна, европска држава и тоа не може да се постигне со стари навики, туку со нова култура на управување, заклучи Минчев.
Новите закони за јавната администрација во Северна Македонија, како што образложи Минчев, носат значајни реформи насочени кон департизација, професионализација и дигитализација на јавниот сектор.
„Конечно, Македонија стана активен член во европската мрежа за квалитет преку имплементација на CAF моделот. Овие чекори претставуваат системска трансформација насочена кон департизација, професионализација и европеизација на јавната администрација, рече министерот.
Овој европски систем за самоевалуација, како што информираше, веќе е применет во неколку институции.
„Преку CAF, институциите не само што зборуваат за квалитет – тие го мерат, го применуваат и го наградуваат“, рече министерот.
Македонија
Земјиште на ЕВН дадено на користење за археолошки истражувања

ЕВН Македонија му ја даде на користење на Археолошкиот музеј, парцелата во локалитетот „Тумба Маџари“ во Скопје, со цел спроведување на понатамошни археолошки истражувања кои се од исклучителна важност за разбирањето на историјата на целиот Балкан и Европа.
Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер и директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, потпишаа Договор за долгорочно користење на парцела од 6000 квадратни метри, а на настанот беа присутни и Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
„Овој договор за отстапување на парцелата за истражувања на Археолошкиот музеј е симбол на посветеност за презентација на културното наследство и заштита за идните генерации. Ова наследство не е важно само за историјата на Македонија, туку е дел и од европската цивилизација“ истакна Маиер.
За директорката Манаскова, поддршката од ЕВН е пример за општествена одговорност, а договорот е основа за долгорочна соработка која ќе овозможи подобри услови за работа на археолошкиот локалитет.